Филипче: Скопје е во криза, СДСМ иницира итна седница на Совет на Град Скопје


Состојбата во град Скопје е алармантна. Градските улици се гушат во смет, градскиот превоз не функционира, а градот е оставен без основните услуги што ги заслужуваат граѓаните.  Градот реално се наоѓа во криза и побарав од советничката група на СДСМ да иницира итна седница на Советот на Град Скопје, најави претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.

-Ги повикувам сите советници, без разлика на партиската припадност, да застанат зад ова барање и да се одржи оваа седница во најкус рок.  На седницата ќе предложиме конкретни мерки кои верувам дека заеднички ќе ги поддржат сите советници и конечно да им се излезе во пресрет на граѓаните. Потребно е обединување заради интересите на скопјани, вели Филипче.

Доколку и овој обид за заедничка акција биде опструиран, ќе го преиспитаме нашето учество во Советот, бидејќи нема да бидеме параван за лошите политики што го уништуваат нашиот град, предупредува Филипче. 

-Искрено се надевам дека ќе наидеме на разбирање кај останатите партии и советници. Скопје не заслужува ваква негрижа и хаос. Со оваа иницијатива, СДСМ јасно покажува дека стои на страната на граѓаните, кои секојдневно се соочуваат со последиците од неработењето на градската администрација, наведува претседателот на СДСМ, Венко Филипче.