Филипче: Прво европски стандарди, па укинување на техничката влада


 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја отфрли идејата за укинување на техничката влада дури и за изборите по следното парламентарно гласање, која произлезе од денешната лидерска средба на која тој не присуствуваше. Според него, укинувањето на техничката влада може да се случи само тогаш кога македонското општество ќе биде зрело и подготвено според европските стандарди.

„Укинувањето на техничката влада треба да се случи тогаш кога нашето општество ќе биде зрело за тоа. Слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори не се прашања за политички пазар. Затоа неопходни се реформи по европски стандарди, посебно во делот на правосудството“, рече Филипче.

Тој нагласи дека реформите мора целосно да се спроведат и реално да функционираат во институциите, согласно препораките на Европската унија и оценската мисија.

„И кога ќе бидат донесени сите реформски закони онака како што треба, според препораките на оценската мисија, на луѓе експерти од Европската унија, кога сите тие реформи, закони не само што ќе се донесат, туку и ќе почнат да се користат, ќе бидат вистински имплементирани во судството, во обвинителството, во полицијата, во делот на правдата“, рече Филипче на прес-конференцијата по завршувањето на лидерската средба.

„На граѓаните треба да им е јасно дека тоа што до сега го зборувавме е вистина и сѐ што најавивме практично се случува. Нема ни збор за главните проблеми во државата. На власта ѝ се брза да направи избори, затоа што пари нема. Дупката во Буџетот е огромна, а понатаму исто така како што најавивме ќе следи проектот мигранти за пари.

Предупредивме дека има огромна дупка во Буџетот. Недостасуваат околу 2 милијарди евра. Конкретно на страна на приходите кусок од 500 милиони евра, дефицит во Буџетот е 680 милиони евра. Доспеани и неподмирени обврски кон економски субјекти 700 милиони евра.

Поврат на ДДВ помеѓу 100 и 150 милиони евра кои што не се исплатени кон компаниите. Следат нови задолжувања, еврообврзница, нови кредити. Сето тоа ќе се пополнува на грбот на народот. Нема пари за раст на платите во 2026 година“, рече лидерот на СДСМ.

Тој додаде дека власта промовира анти-европска кампања. „Се провоцираат судири со Грција и со Бугарија. Се наметнуваат националистички теми, се измислуваат изговори за земјава да се држи во изолација. Ги спомнавме и активностите против нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави. Вицепремиерот на нашата влада Стоилковиќ на средба со ‘Ноќните волци’ блиски до рускиот претседател Путин.

Сѐ што најавивме, сѐ се оствари. Укажавме дека се сузбива демократијата, дека се партизираат институциите, дека се ограничува слободата на говорот. Се донесе резолуција во Собранието, со која како во Третиот рајх се ограничува што може, а што не може да каже опозицијата“.

Филипче нагласи дека СДСМ ќе ги поддржи само реформите кои што оваа земја носат на ниво на европските стандарди.

„ВМРО и ДУИ нека договараат што сакаат. Нивната соработка на сите нас ни е многу добро позната. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Ние не сме на пазар. Наша обврска е да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, рече тој.