Филипче: Прилично сум сигурен дека ќе има предвремени парламентарни избори
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека е „прилично сигурен“ дека во земјава ќе има предвремени парламентарни избори, додавајќи дека нивниот термин ќе зависи од повеќе фактори и дека тие може да се одржат на крајот од оваа или на почетокот на следната година.
Одговарајќи на новинарско прашање во Собранието, Филипче оцени дека актуелната Влада „ја носи државата во амбис“ и порача дека СДСМ е подготвен за изборен настап во било кое време.
Според него, граѓаните веќе јасно гледаат за каква Влада станува збор и дека повеќе нема да помине, како што рече, „лажната пропаганда со која дојдоа на власт во 2024 година“, заснована на националистичка реторика и обвинувања дека СДСМ ги предава националните интереси. Наместо ветуваната подобра преговарачка рамка, вели Филипче, Владата ја изолирала земјата.
Лидерот на СДСМ предупреди дека лошите политики ќе имаат сериозни последици врз економијата, особено врз индустријата и транспортниот сектор. Како пример ги посочи блокадите на граничните премини од страна на камионџиите, за кои рече дека имаат реален проблем поврзан со одлуки на Европската Унија донесени уште во 2025 година.
„Се поставува прашањето што Владата направи на тоа поле“, нагласи тој.
Филипче оцени и дека земјата станува сѐ поизолирана на маргините на Европската Унија, а дека и Соединетите Американски Држави, како најголем стратешки партнер, „нѐ ставаат понастрана“. Како доказ го наведе отсуството на покана за, како што рече, Одборот за мир на претседателот Доналд Трамп, за разлика од други земји во регионот.
„Ова е доказ дека Владата намерно ја води државата во изолација, соработува со авторитарни режими, носи сомнителен капитал и ја гуши демократијата и слободата на говор. Тоа не води никаде“, изјави Филипче.