Филипче: Преседан е создавање етнички чисти институции, категорично сум притив


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изрази сериозна загриженост за идејата за формирање на паралелна Академија за науки и уметности. Во својот пост на Фејсбук, Филипче остро реагира против ваквиот проект, нагласувајќи дека создавањето на „етнички чисти“ институции претставува преседан.

„Загрижен сум и категорично се спротивставувам на идејата за формирање на паралелна нова Академија за науки и уметности. Преседан е создавање на ‘етнички чисти’ институции, а оваа иста идеја недвосмислено беше и претходно отфрлена од актуелните академици,“ напиша Филипче.

Тој истакна дека СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите, посебно не во науката.

„Науката не смее да се етнизира на ниеден начин и во ниеден случај,“ додаде Филипче, осудувајќи ја идејата како тенденциозна и опасна за општеството.

Според него, ваквите проекти носат огромна штета и претставуваат политички пораки кои поттикнуваат поделби. Филипче го обвини ВМРО-ДПМНЕ за молчење по ова прашање, што според него, значи одобрување на иницијативата.

„Жалам што оваа идеја ВМРО-ДПМНЕ ја одмолчува, а со тоа и ја одобрува,“ пишува Филипче во својот пост.

Претседателот на СДСМ најави дека партијата ќе се спротивстави на ваквите иницијативи, посебно во општините кои треба да го финансираат проектот.

„СДСМ со сите расположливи механизми ќе се спротистави во општините кои треба да го финансираат овој проект,“ порача Филипче.