Филипче: Поставен модуларниот ковид-центар во Кичево со капацитет од најмалку 45 болнички легла

Завршена е изведбата и поставувањето на модуларниот ковид – центар во Кичево. Тој е со површина од 700 метри квадратни и има капацитет од најмалку 45 болнички легла. Ова двојно зголемување на постојниот болнички капацитет е од исклучителна важност граѓаните. Сега можното оптоварување со ковид пациенти нема воопшто да го наруши нормалното обезбедување на здравствени услуги, објави попладнево на својот фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче, кој ја посети модуларната болница во градот.

Исто така, посочува министерот, почнува и изведбата на втората фаза на новата болничка зграда.

– Со ова, значително ги подобруваме условите за престој и медицински третман на пациентите, но и подобрување на условите за работа на здравствените работници. За неколку месеци, првпат ќе биде инсталиран и апарат за компјутерска томографија. Активно вложуваме во здравствената инфраструктура, затоа што јавното здравје е нашата заедничка одговорност, потенцира Филипче.