Филипче обвини дека Шилегов работи на поделба на партијата

Шилегов возврати дека не тој, туку лидерот на СДСМ одработува за ВМРО-ДПМНЕ и ја дели партијата


Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, работи во корист на ВМРО-ДПМНЕ и придонесува за внатрешни поделби во партијата.

Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче посочи дека не станува збор за различно мислење, туку за, како што рече, координирано дејствување.

„Овде не станува збор за туѓо мислење, затоа што и тоа мислење беше сослушано. Станува збор за процесно одработување за ВМРО-ДПМНЕ и за внатрешна поделба на партијата. По сите проверки на информациите, дојдовме до тој заклучок. Извршниот одбор ја донесе одлуката со консензус, никој не гласаше против“, изјави Филипче.

Тој нагласи дека зачувувањето на единството во СДСМ е клучно во, како што рече, борбата против корупцијата и криминалот, за кои ја обвини актуелната власт.

„Нема да дозволам понатамошни поделби во СДСМ, особено во услови кога се соочуваме со криминална и корумпирана власт. Падот на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е евидентен, додека ние бележиме раст. Единственото што можат да го направат е да се обидат да ја делат партијата одвнатре. Тоа нема да го дозволиме“, рече Филипче.

Според него, обидите за, како што ги оцени, внатрешни раздорни процеси преку поединци, се насочени кон ослабување на СДСМ, но, како што потенцираше, партијата ќе остане обединета.

Шилегов, пак, возврати дека во согласност со партискиот статут исклучување на член извршува општинската организација каде што тој припаѓа и го повика Филипче, доколку сака да спроведат таква иницијатива да дојде во организацијата во Карпош, за да разговараат со членството, за кое, рече, ќе се потруди да биде многубројно, како за неговото исклучување, така и за заминувањето на Филипче.

„ Ако го прочитале Статутот, за жал таму во Извршниот одбор нема кој да го прочита, ќе им биде јасно дека исклучувањето на член на СДСМ го извршува општинската организација, каде што припаѓа, во која што претседателот Филипче првпат влезе кога беше избран за претседател. Па еве ќе ја искористам приликата ако веќе сака да спроведат такви иницијатива да дојде во општината Карпош, таму ќе разговараме со членството, јас ќе се потрудам да има сериозно многу, и за моето исклучување, меѓутоа и за неговото заминување. Во однос на тоа дека тие завршиле, тој завршил со Петре Шилегов, јас тоа нема да дозволам. Сето она што го имам направено во својот живот професионално, но уште повеќе политички, тоа што го имам направено за СДСМ и што се уште го правам, нема да дозволам да го валка човек којшто е нестатутарно избран за претседател“ – изјави Шилегов.

Шилегов додаде дека се потврдиле неговите ставови, изнесени во интервјуто за Сител во неделата, дека ова раководство на СДСМ целосно одработува во договор со ВМРО–ДПМНЕ за интересите на владејачката партија, а не за СДСМ и нејзиното членство.

„Кажав очигледно дека постои договор, којшто предвидува СДСМ да биде во ваква состојба во каква што е, упорно да ги промашува темите и да дозволи ВМРО-ДМНЕ да истера два мандата, за сметка на тоа да не бидат предмет на определени можни евентуални истраги или кривични предмети. Исто така се докажа и второто мое тврдење дека, за жал партијата е кадровски целосно исцрпена и дека луѓето на коишто им значи СДСМ, а се сериозен фактор во нашата држава, веќе не се таму“, нагласи Шилегов.

Тој додаде дека платформата си продолжува, стратегијата се развива и повтори дека ќе го замолат ова раководство на СДСМ да си замине и да ја ослободиме политичката партија.

„СДСМ е партија што ја има создадено независна Македонија, СДСМ е партија на илјадници, илјадници истакнати луѓе. СДСМ не е сопственост на една групација, па со нејзе да се пазарат за својата слобода“, рече Шилегов.