Филипче нема да дозволи ВМРО да го дели СДСМ
Консолидацијата е клучна за јакнење на СДСМ. Тоа им го порача претседателот на партијата, Венко Филипче, на синоќешната средба во Штип на општинските организации од изборната единица 3. Тој нагласи дека нема да дозволи внатрепартиски поделби платени од ВМРО-ДПМНЕ.
„Има некои луѓе коишто се амбицираат како некоја групација, меѓутоа не сакаат да дојдат и да разговараат, не сакаат да ги соочат аргументите, затоа што аргументи немаат. Затоа што се платени од ВМРО-ДПМНЕ на кои проектот ЗНАМ веќе им пропадна, и не може да сметаат повеќе на тоа“, рече Филипче.
Филипче додаде дека, со оглед на падот на поддршката кај ВМРО, единствениот начин што го користат е да предизвикуваат поделби во СДСМ но дека тој нема да дозволи нови поделби и внатрешно роварење.
„Имајќи предвид како ја губат поддршката од граѓаните, сѐ што може да направат е дополнително да нѐ делат. Јас нема да го дозволам тоа внатрепартиско роварење, делење, заради нечии интереси коишто да знаете ако не се сте ја знаеле позадината тој проект е повторно, како проектот ЗНАМ, платен од ВМРО-ДПМНЕ, платен заради тоа што тој е единствениот начин тие да останат на власт“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ упати порака и до оние кои се обидуваа да не успее Конгресот на СДСМ.
„Жалам што имаше другари, кои се обидуваа и конгресот да не успее. Им пуштаа пораки на делегатите, им кажуваа да не доаѓаат. Сакам јасно и гласно да им кажам да им биде последно. Да не прават нешто против партијата од која добиле сѐ. Ние не можеме да работиме еден против друг, против СДСМ“, рече Филипче.