Филипче најави разобличување на „лажните патриотски политики“ на ВМРО-ДПМНЕ


 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска го обвини премиерот Христијан Мицкоски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ за стопирање на процесот на евроинтеграциите на Македонија со што се загрозува иднината на земјата. На прес-конференција во партиското седиште, тој за мај најави неколку политички активности со кои, како што рече, ќе се промовираат активности со сестрински партии од регионот, како и дека ќе ги објават постулатите на партиската програма за следните парламентарни избори.

Филипче нагласи дека во моментот европскиот пат на државата е целосно блокиран и дека нема никаков напредок, додавајќи дека во мај ќе има „сериозни политички активности да се разобличат лажните патриотски политики на ВМРО бидејќи зад нив се крие само бизнис-интерес“.

Првата, како што посочи, е формирање Скопска иницијатива, која појасни дека е регионална иницијатива со повеќе политички партии од околните земји, со кои прават заеднички фронт за европската интеграција, борбата против корупцијата и борбата против авторитарните режими. Тој додаде дека станува збор за сестринските партии од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија.

„Сериозно ги слушаме пораките од Европа. Прво, проширувањето е еден од приоритетите. Второ, ако ја пропуштиме оваа можност, приоритетите утре може да се сменат и да се стави акцент на Молдавија и Украина. Може да останеме без предвидените средства. Во јуни ќе има самит на ЕУ во Подгорица, каде што веќе се пишува договорот за Црна Гора. Што ќе се случи ако нè остават сами? Ние нема да можеме економски да ја надминеме кризата во која ќе нè стави оваа власт. Во 2024 година успеаја политичките договори да ги сведат на предавство со националистичка реторика, ама тоа е патот напред. Ништо не е загрозено од нашиот идентитет. Сега кога треба да се стават Бугарите и Хрватите во Уставот и да се отворат досиејата на УДБА, ВМРО-ДПМНЕ става стоп. И што прави? Српскиот свет, сомнителен капитал и свои бизниси“, изјави Филипче.

Вториот настан што го најави е партиски конгрес. На него ќе ги објават постулатите на нивната програма за следните парламентарни избори за кои, како што посочи, се сигурни дека ќе бидат предвремени.

„На тој конгрес ќе ја објавиме нашата проевропска платформа кон која се повикани да се приклучат сите проевропски партии поради тоа што мораме да излеземе од овој ќор-сокак, каде што намерно нè ставија премиерот и Владата“, рече Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање дали има некаков договор со ВМРО-ДПМНЕ за изборите, Филипче рече дека тој има договор само со членовите на партијата, дека ќе се борат за европска Македонија и дека сите што се сега на власт ќе одговараат за сè што прават.

„Првпат една Влада во историјата на независна Македонија знае точно што треба да направи, а не го прави тоа. Јасен е антиевропскиот пат. Сигурен сум дека на следните избори ВМРО-ДПМНЕ нема да може повторно да ги излаже граѓаните“, рече лидерот на СДСМ.

Тој додаде дека еврокомесарката Марта Кос дала сериозно предупредување дека нема место за нови членки врз кои Русија и други имаат влијание и дека Европа не сака тројански коњи.

„Тоа е силна порака. Во извештајот на Европскиот парламент нема напредок во клучните области: владеење на правото, реформи во правосудството, борба против корупцијата и криминалот. Не може да има слобода во медиумите кога огромен процент се во сопственост на луѓе блиски до унгарскиот премиер Орбан“, изјави Филипче.