Филипче и Битиќи нови потпретседатели на СДСМ


 

Министерот за здравство, Венко Филипче и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи се двајцата новоизбрани потпретседатели на СДСМ. Покрај нив функциите ги задржуваат  министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски како и министерката за обрзование, Мила Царовска.

Функцијата потпретседател до конгресот освен Спасовски и Царовска ја извршуваа Мухамед Зекири и Коста Петров. Неофицијално, Љупчо Николовски останува генерален секретар, а Мартин Попов е новиот организциски секретар.

Претходно беше избран новиот Централен одбор од 120 членови, од листата што пред конгресот ја предложија лидерот Зоран Заев и досегашното партиско раководство, согласно со номинациите што дојдоа од општинските конференции на СДСМ. Оставена е можност, во наредните четири години, ЦО да биде проширен со уште најмногу десет члена, согласно со промемните на Статутот што се носеа денеска, а кои предвидуваат зголемување на бројот на членови на ова тело од 100 до 120 на 110 до 130.

Како што е објавено, две третини од новиот состав на ЦО се нови лица кои не членувале во досегашното партиско раководство, а дел од нив ниту во претходните. Според непотврдени информации, познатата ракометарка Андријана Будимир, директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ  и директорката на Клиниката за пластилна хирургија Софија Пејкова, Ана Данева Марков, Нина Фити, Јована Тренчевска и Димитар Ковачевски  беа кандидати за членови на Централниот одбор на СДСМ. 

Од членовите на Владата, во ЦО влегоа Фатмир Битиќи, Венко Филипче, Мила Царовска, Оливер Спасовски, Благој Бочварски, Димитар Ковачевски… Нови имиња се и директорот на ФЗОМ Стево Крстевски, Никица Бачовски, директор на Платежната агенција, Диме Коцев, директор на болницата во Кавадарци… Од актуелните градоначалници, во ЦО е избран и Стефан Богоев од Карпош, како и градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов. Од пратениците, во ЦО избран е и Костадин Костадинов, а останува и поранешната пратеничка Тања Томиќ.

Во новиот состав на Надзорниот одбор на СДСМ останува досегашниот претседател на ова тело, Горан Сугарески, кој е сега директор на Царинската управа, а меѓу новите членови се Викторија Мадиќ и Бајрам Мустафов…

Според некои медиуми, делегати на конгресот кои се од Куманово реагирале што градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски не е кандидат за член на ЦО и побарале да се стави точка на дневен ред со дополнување на кандидатите.