Филипче бара одговор од премиерот кој бил со него кога летал со државниот авион во Сплит и Белград


 

Бил до Сплит лани во август. Бил и во Белград. Тоа се наведува за патувањето на премиерот Христијан Мицкоски со владиниот авион. Но службата за општи работи во одговорт до телма не наведува кои други патници биле покрај него во „лирџетот“. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, бара Владата да биде транспарентна и да одговори со кого патувал Мицкоски.

„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече Филипче на попладневната средба со партиското членство во Гевгелија. 

Филипче нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.

„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.

Филипче уште рече дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.