„Фич“ го зголеми кредитниот рејтинг на Хрватска на БББ, најдобар до сега


Агенцијата „Фич“ го подигна кредитниот рејтинг на Хрватска за едно ниво, од „БББ-“ на „БББ“, со позитивна перспектива, забележувајќи напредок во подготовките за членство во еврозоната и силно закрепнување на хрватската економија од пандемиската криза, пренесоа хрватските медиуми.
Ова е најдобриот кредитен рејтинг во историјата на Република Хрватска.

„Фич“ проценува дека и покрај пандемскиот шок, Хрватска ќе биде во позиција да стане членка на еврозоната во предвидениот рок, во јануари 2023 година, околу една година пред досегашната прогноза на агенцијата.

Тие ја припишуваат оценката на „значителен напредок“ во исполнувањето на критериумите за конвергенција и структурните реформи и на политичката поддршка на поширокото ниво на еврозоната.

Усвојувањето на еврото ќе го поддржи рејтингот, објаснува агенцијата, бидејќи на Хрватска ќе ѝ обезбеди „статус на резервна валута“, ќе ги намали трансакциските трошоци и ќе го ограничи курсниот ризик за компаниите и домаќинствата.

Ризиците поврзани со периодот на усвојување на еврото главно се поврзани со „надворешни шокови“, како што се тврдокорните проблеми поврзани со пандемијата и континуираниот раст на светските цени на суровините, посочува „Фич“.

На политичко ниво, „Фич“ не очекува големи ризици и покрај барањата на помалите партии за распишување референдум за воведување на еврото.

Агенцијата, исто така, потсетува дека рејтингот на Хрватска генерално ги одразува силните структурни карактеристики, вклучувајќи подобри показатели за развојот на човечките ресурси и управувањето во споредба со земјите со слични рејтинзи, благодарение на членството во ЕУ, повисокиот БДП по глава на жител и постабилните цени.

Ограничувањата се поради високиот јавен долг, неповолниот демографски профил и периодите на слаб економски раст, делумно поради бавното усвојување на структурните реформи.

Закрепнување до крајот на годината, раст од 8,9 отсто

Хрватската економија расте многу посилно од очекуваното благодарение на туризмот и континуираната издржливост на извозниот сектор, оценува агенцијата.

Пристигнувањата на туристите оваа година веројатно ќе достигнат 80 отсто од нивоата пред пандемијата, бидејќи Хрватска се смета за безбедна дестинација со добри патни врски до клучните пазари.

Прелиминарните податоци покажуваат дека потрошувачката поврзана со туризмот веќе ги надмина нивоата пред пандемијата, што ги поддржува вработувањето и потрошувачката, забележува „Фич“.

Извозот на стоки продолжува силно да расте, што сигнализира „отпорна конкурентност“.

Поради тоа, агенцијата ја зголеми проценката за растот на хрватската економија годинава од 5,5 на 8,9 отсто, нагласувајќи дека активностите до крајот на годината треба да го надминат нивото пред пандемијата.

Економијата треба да одржува силна стапка на раст и во 2022 и во 2023 година, со просечна стапка на раст од четири проценти, повеќе или помалку како во другите земји со рејтинг „БББ“, и покрај краткорочните ризици од пандемијата и потенцијалното негативно влијание од повисоките трошоците за енергија.

Главниот двигател на растот ќе бидат инвестициите, потпирајќи се на финансиската поддршка на ЕУ во вкупна вредност од околу 40 отсто од БДП во следните шест години, рече Фич.

Помал долг и дефицит

Силниот номинален раст и поволното каматно опкружување ќе резултираат со пад на јавниот долг изразен како удел во БДП за околу три процентни поени годишно до 2023 година, кога тој треба да биде 77,9 отсто, пресмета „Фич“.

Буџетскиот дефицит, изразен како дел од БДП, се очекува да падне на 4,3 отсто оваа година, од 7,4 отсто во пандемијата во 2020 година и на три отсто во 2022 година и на два отсто во 2023 година.

Надворешната позиција на Хрватска годинава треба да се подобри, а позитивните трендови во туризмот и извозот ќе бидат основа за избалансиран платен биланс, посочува агенцијата.

Хрватска во септември имаше „изобилни девизни резерви“ од 24,4 милијарди евра, кои треба да останат високи додека еврото не биде усвоено и не ја поддржи стабилноста на девизниот курс.

Банкарскиот сектор останува ликвиден и високо капитализиран, а уделот на нефункционалните кредити е во надолен тренд, паѓајќи до 5,2 отсто во вториот квартал и покрај истекот на дел од мораториумот, соопшти „Фич“.