„Фич“ го зголеми кредитниот рејтинг на Грција


„Фич Рејтингс“ објави дека го подобри долгорочниот кредитен рејтинг на Грција од БББ минус на БББ, наведувајќи го забрзаното намалување на долгот, силните фискални резултати и солидниот економски раст.

„Фич Рејтингс“ објави дека Грција е на добар пат да го намали односот долг-БДП за речиси 20 проценти во 2024 и 2025 година.

Се очекува нивото на долг да достигне 120 проценти од БДП до 2030 година, објави грчката новинска агенција АМНА.

Кредитната агенција истакна стабилен економски раст од околу четири проценти, примарни суфицити и парични резерви доволни за покривање на финансиските потреби во следните неколку години.

Подобрената наплата на даноци, строгата контрола на расходите и постојаните буџетски суфицити беа исто така наведени како резултати што ја надминуваат медијаната на категоријата БББ.

Портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, го поздрави зголемувањето на кредитниот рејтинг и рече дека тоа ја одразува растечката меѓународна доверба во грчката економија.