Фестивалот РУТА во Драмски театар од 14 до 19 октомври: Доаѓаат Шербеџија, Мариќ, Поповски…

Распродадени се билетите за сите шест претстави на фестивалот РУТА Група Триглав, кој од 14 до 19 октомври ќе се одржува во Драмски театар во Скопје, најави денеска директорката на Драмски, Катарина Коцевска-Хаџи Василева.
Станува збор за фестивал на Регионалната унија на театри – РУТА Група Триглав, во која членуваат: Београдско драмско позориште, Камерни театар 55 од Сараево, театар Улисис од Загреб, Месно гледалишче Љубљана и Градско позориште Подгорица.
„Фестивалот е основан во 2019 и е одржува на секои два месеца во еден од шесте театарски центри, а поради ковид пандемијата, за првпат се одржува во Драмски театар. Огромно е задоволството дека претставите се распродадоа уште пред да бидат изрекламирани“, кажа Коцевска-Хаџивасилева на денешната прес-конференција.
Београдско драмско позориште учествува со претставата „Диво месо“ по текстот на Горан Стефановски, на режисерот Јагош Марковиќ, на 15 октомври.
Македонскиот режисер Александар Поповски доаѓа со претставата „Хероини“ по Овидиј од Месно гледалишче Љубљана (16 октомври), а Градско позориште Подгорица на 17 октомври со претставата „Коњите убиваат, зар не“ во режија на Кокан Младеновиќ.
Комедијата „Мирна Босна“ во изведба на Камерни театар 55 од Сараево, е на програмата на фестивалот на 18 октомври. Режисер на претставата е Саша Пешевски.
Затворањето на Фестивалот е со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар Скопје на 19 октомври, на режисерката Зоја Бузалковска.