Фергусон: Бројот на починати ќе беше преполовен ако порано воведовме карантин


Бројот на смртни случаи од корона вирус во Велика Британија можеше да биде двојно помал ако карантинот беше воведен една недела порано, изјави епидемиологот Нил Фергусон, поранешен член на групата научници кои ја советуваат британската влада.

Повеќе од 40.000 луѓе официјално починале од корона вирус во Велика Британија, а кога ќе се додаде бројот на починати за кои се претпоставува дека имале Ковид-19, има повеќе од 50.000.

Фергусон рекол дека Велика Британија ги презела вистинските мерки против корона вирусот, но премногу доцна.

„Требаше да воведеме мерки за карантин една недела порано и тогаш би го намалиле бројот на починатите за најмалку половина“, рекол Фергусон.

„Значи, иако мислам дека мерките се оправдани, сигурно ќе имавме помалку смртни случаи ако ги воведевме порано“, додал тој.

Фергусон, професор на Империал колеџ, е автор на влијателен модел, според кој, без воведување рестриктивни мерки, 500.000 Британци би умреле од коронавирус, пишуваат британските медиуми.

Студијата на Фергусон била една од пресудните за британскиот премиер Борис Џонсон да воведе карантин, иако тој првично се определи за поопуштен пристап, сличен на шведскиот.

„Проценката дека по воведувањето на карантинот 20.000 луѓе би можеле да умрат се покажаа неточни затоа што лицата во старечките домови не беа заштитени од вирусот“, рекол Фергусон.

Тој поднесе оставка од Научната советодавна група за вонредни состојби (САГЕ), која игра клучна улога во обликувањето на владината политика, откако во мај беше откриено дека тој повеќе пати ги прекршил мерките за ограничено движње за да ја посети својата љубовница.