Фаучи: Светот ќе се врати во нормала до крајот на следната година


Угледниот инфектолог Ентони Фаучи, директор на Американскиот национален институт за алергии и болести изјави денеска дека враќање на нормалниот живот може да се очекува кон крајот на 2021 година.

Фаучи, кој онлајн учествуваше на конференцијата „Граници, Фестивал на здравје“ организирана во Рим, потенцираше дека дотогаш е неопходно стриктно почитување на пропишаните мерки како што се заштитна маска, физичка дистанца, избегнување собири и повеќе престојување на отворено.

Според него, до крајот на оваа година е можно да се очекува ефикасна вакцина, мнозинството од светската популација може да се вакцинира во текот на следната година, но не и целата популација, како што е случајот со вакцината за сипаници.

– Доволно е да се вакцинираат 75 отсто од светската популација за да се запре ширењето на вирусот, потенцираше Фаучи.