Фатон Сељами е нов Народен правобранител
Собранието денеска го избра Фатон Сељами од Тетово за нов Народен правобранител.
За изборот на Сељами гласаа 89 пратеници, шест беа против, а од пратениците што припаѓаат на заедници што не се мнозинство, 28 беа „за“, осум „против“.
Сељами е дипломиран правник, магистер по правни науки, со положен правосуден и нотарски испит.
Народниот правобранител се избира за време од осум години, со право на уште еден избор. Изборот и разрешувањето на народниот правобранител Собранието го врши со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство.
Изборот на омбудсманот беше заглавен лани во јули, затоа што ДУИ не сакаше да гласа во рамките на бадентеровото мнозинство. По неодамнешната лидерска средба работите се изгласија и ДУИ даде поддршка за изборот.
Сељами работел во Агенцијата за информации, до 2008 работел во Комисијата за заштита на правата за слободен пристап на информации од јавен карактер. Од октомври 2008 година бил вработен во канцеларијата на Народниот правобранител во Скопје. Во 2018 година Сељами бил именуван за генерален секретар во Министерството за правда и од 2020 е вработен во регионалната единица на Министерството за правда во Тетово. Од 2023 година работи како раководител на одделение за политички систем во Министерството за правда.