Фарел Вилијамс ултрамодерен во „GQ“: Гласот на новиот маж
САД– Песната „Blurred Lines“ можеше да се чуе насекаде летото 2013 година, ги собори топ листите во десетици земји и стана најпродаваната песна за таа година.
Сепак, Фарел Вилијамс кој ја напиша, продуцираше и изведе песната заедно со Робин Тик и Ти Ај, сега се кае за истата.
„Некои од моите стари песни никогаш не би ги напишал или пеел денес“, рече Фарел во новиот број на списанието „GQ“. „Се срамам од некои мои песни. Само што ми требаше многу време и созревање да стигнам до ова размислување“.
Тој вели дека особено „Blurred Lines“ била песната што „го отворила“. И тоа започнало со начинот на кој некои луѓе ја обележале песната како шовинистичка и сексистичка.
„Јас тоа не го разбирав на почеток. Бидејќи имаше постари бели жени, кои кога ќе ја чуеја песната, почнуваа да се однесуваат на многу зачудувачки начин. И јас бев вчудоневиден“, објаснува Фарел. „Се зацрвенував од нивните реакции. Така што, кога почна да се појавуваат проблеми со текстот на песната, јас се чудев: „За што тоа зборуваат?“ Постојат жени кои навистина ја сакаат песната и се поврзуваат со енергијата што едноставно ве тера да заиграте. “Знам дека го сакаш тоа“ – жени цело време пеат такви стихови. Па, што е толку сексистичко во песната?“
Критичарите посочија на стихови како „Знам дека го сакаш тоа“, па дури и насловот на песната. Иако Фарел не се согласувал на почетокот, неговото размислување меѓувреме еволуирало. „Сфатив дека има мажи кои го користат истиот јазик кога ги искористуваат жените и не е важно што јас не се однесувам така. Или пак начинот на кој размислувам за нештата“, рече Фарел. „Единствено што е важно е како тоа влијае врз жените. И јас тогаш реков ‘Го разбирам тоа. Разбирам. В ред.“ Умот ми се отвори кон она што всушност се зборуваше во песната и како тоа може да направи некој да се чувствува. И покрај тоа што не беше мнозинството, не беше важно. Се грижев и за она што тие го чувствуваа. Сфатив дека живееме во шовинистичка култура. Не го сфатив тоа. Не сфатив дека некои мои песни се однесувале на тоа“.
Фарел претходно ја бранеше песната во интервјуто во 2014 година со „Пичфорк“, инсистирајќи на тоа дека песната е за жени кои ја бараат нивната независност. „Она што се обидував да го кажам беше:‘ Мажот се обидува да ве вдоми, но не вам ви требаат документи – дозволете ми да ве ослободам“.
Шест години по објавувањето на „Blurred Lines“, Фарел е лицето на кампањата „Сега е нејзино време (Now Is Her Time)“ за Адидас. Претходно стана заштитно лице на „Шанел“, привилегија кој ретко кој музичар ја има. Тој повтори нешто што го има кажано и претходно, дека верува дека сега е време жените да бидат лидери.
„Замислете каков би бил светот доколку жените ги држат сите највисоки позиции во светот?“, рече Фарел. „Жените се будат секој ден сè повеќе пред фактот дека тие имаат моќ. Жените, миленијалците и генерацијата „З“ ја имаат моќта. И има многу мажи кои ја признаваат својата привилегија и ја користат за добро. Ние сме таков способен вид. Имаме можност ако можеме само да се галванизираме за добро. Единствената работа што треба да ја направиме е да ја балансираме вагата. Мора да ја разбереме моќта. И кој ја има“.