ФАО: Здравата храна е поскапа во Европа поради субвенциите на ЕУ за земјоделството
Во најновиот извештај на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) се наведува дека земјоделските субвенции на Европската Унија придонеле за раст на цените на овошјето и зеленчукот, поради што на луѓето им е потешко здраво да се хранат.
Во период од 2021 до 2025 година цените на здравата храна во Европа се зголемени за 36 проценти, се наведува во извештајот на агенцијата на Обединети нации – „„Состојбата на безбедноста на храната и исхраната“.
– Иако инфлацијата, предизвикана од пандемијата Ковид-19, војната во Украина и можеби неодамнешната криза на Блискиот Исток, ги зголеми цените во сите сектори, политичарите се исто така виновни, бидејќи субвенциите се главно насочени кон скробни култури, што го прави одгледувањето зеленчук, овошје и мешунки непропорционално поскапо, се наведува во извештајот на ФАО.
Според директорот за земјоделска економија на ФАО, Дејвид Лаборде тоа претставува „индиректно оданочување“.
Тој делумно за тоа ги обвинува директните земјоделски субвенции на ЕУ во рамките на Заедничката земјоделска политика (ЦАП), една од најголемите програми за финансирање на ЕУ.
– Сепак, недоволните инвестиции во истражување за намалување на трошоците за производство на овошје и зеленчук … имаа уште поголемо влијание врз достапноста на здрава храна во Европа, наведе Лаборд.
Според извештајот, дневните трошоци за купување оброк што ги исполнува минималните барања за здрава исхрана (со вистинска рамнотежа на хранливи материи, калории и разновидност) за просечниот европски граѓанин во периодот од 2021 до 2025 година се зголемија од еден на 3,97 долари.
Според ФАО европскиот раст на цени е поголем од светскиот просек за 25 отсто.
Во секој здрав оброк, зеленчукот, овошјето и мешунките сочинуваат речиси 60 проценти од вкупните трошоци, додека скробните култури, како што е пченицата, сочинуваат 13 проценти. Сепак, најголемиот дел од земјоделските субвенции завршуваат за житарки, шеќер, млечни производи, говедско месо и маслодајни семиња за добиточна храна.
ФАО препорачува да се намалат цените на овошјето и зеленчукот, но и да се редуцира фрлањето храна, потоа поддршка за ѓубривата и да се зголеми транспарентноста на цените.