За линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари годишно ќе требаат 230 милиони евра

Барањето од протестите на дел од пензионерите значи дека ќе мора да се „брцне“ длабоко во Буџетот или државата да се задолжува за да може да ги прави овие исплати


Фото: Б. Грданоски

Може ли државата да им удоволи на пензионерите и линеарно да ги зголеми пезиите за по 3.500 денари, кое што како услов резолутно го поставија оние кои протестираат деновиве ширум земјата и се подготвуваат овие барања да ги постават и на митинг утре во Скопје. (Во Битола вчера пензионери на протест побараа линеарното зголемување да биде дури 8.000 денари.)  Доволно ли е усогласувањето од 6,8 отсто колку што е најавено за септември, со кое што ќе се исполни она што беше договрено меѓу Владата и пензионерските здруженија претходно оваа година?

Наспроти поделените ставови околу овие две прилично различни решенија, еве што покажува математиката, колку пари ќе бидат потребни.

Во јуни во земјава имало вкупно 337.054 корисници на пензија, од кои најголемиот број или 336.167 лица биле корисници по работно право, 832 лица корисници по воено право и 55 по земјоделско право, покажуваат податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, додстапни на интернет.

Со 3.500 денари линеарно зголемување за секој од нив, значи дека ПИОМ, односно државата (бидејќи Фондот тие пари нема да може да ги најде во сопствените приходи од придонесите на вработените), дополнително ќе треба да „искешира“ над 1,1 милијарда денари или 19,18 милиони евра месечно, што на годишно ниво изнесува фантастични 230 милиони евра. 

Очигледно тоа е многу повеќе од трошокот за најавеното зголемување од 6,8 отсто во септември. Бидејќи нема ажурирани податоци за месечниот износ кој ПИОМ го префрла за пензионерите, се послуживме со податокот од Извештајот за работата на Фондот на ПИОМ во 2021 година, каде што се вели дека „во декември 2021 година се исплатуваа пензии на вкупно 328.570 корисници на пензија (со воени и минимални земјоделски) со просечен месечен износ на расходи во износ од 5.190 милиони денари (или околу 84 милиони евра) во нето износ и 674, милиони денари придонес за здравствено осигурување, или заедно 5.865 милиони денари.

Во меѓувреме, како што покажуваат податоците, дојде до зголемување на бројот на пензионерите, а имаше и усогласувања од 2,90 и 6,80 отсто во 2022 година плус 8,40 отсто годинава. Така излегува дека за најавеното усогласување од 6,8 отсто во септември, ПИОМ, односно државата ќе треба да обезбеди околу 6 милиони евра месечно (ако како основа се земе бројката од 2021 година трошокот изнесува 5,7 милиони евра) или на годишно ниво тоа би изнесувало околу 70 милиони евра.

Разликата е очигледна. Со барањето за 3.500 денари линеарно зголемување државата треба да одвои уште 160 милиони евра за една година. Тие пари треба да ги најде, или да се задожи. 

„Секако дека доколку се реализира ова барање ќе повлече повеќе средства кои претпоставувам не се проектирани во буџетот на ПИОМ, па оттука произлегува дека во случај на реализација на ова барање нема друг извор освен од Буџетот, за што би требало да се произнесе и Министерство за финансии“, вели за Независен“ еден од експертите кои учествуваше во пензиската реформа во независна Македонија.

Нашата соговорничка нагласува дека за финансиска одржливост на пензискиот систем со секое вакво можно големо зголемување на трошоците веројатно ќе има потреба од зголемување на процентот на пензискиот придонес што дирекно се одразува како оптоварување врз деловните чинители во нашата економија.

На прашањето колку е издржано барањето за линеарно зголемување на пензиите, соговорничќката вели дека со оглед дека околу половина пензионери во нашата држава се со пониски пензии ова барање е целосно легитимно имајќи го предвид воопшто животниот стандард на пензионерите. „Но, од друга страна, не треба да се занемари фактот дека висината на пензиите се одраз на висината на платите и должината на уплатуваниот придонес, односно на работниот стаж. Со линеарното зголемување би се поткопал тој принцип во пензискиот систем, со тоа што законската формула за усогласување на пензиите нема да се почитува и би се ставила надвор од примена“.

Во однос на солидарната компонента на нашиот пензиски систем и дали ова помага за таквиот пристап, соговорничката вели дека нашиот пензиски систем се темели и на принципот на социјална сигурност и солидарност којшто може да се препознае во обезбедување на загарантирана минимална пензија, иако уплатите на придонесите се под тој минимум.

„Исто така солидарната и социјална компонента се содржи и во неодамна воведената социјална пензија за лица кои исполниле старосна граница за пензионирање, но немаат минимум 15 години стаж. Со овој вид на социјална пензија нашата држава се вбројува меѓу првите во регионот што обезбедува социјална заштита/пензија на старите лица кои во целост не ги исполнуваат условите за пензија“, вели таа за „Независен“.

Клучен (и оправдан) аргумент на незадоволните пензионери е што најголемиот број од нив имаат минимални или пензии кои што се под просечни, како и дека таквите примања не стигнуваат да ги задоволат ниту најосновните нивни потреби.

Како тогаш да се воспостави систем во кој оние со најниски или потпросечни пензии сепак ќе имаат примања за достоинствен живот?

„Повторно ќе се навратам на платите и уплатата на придонесите како главен извор од кој се финансира исплатата на пензиите и од чија уплата зависи и висината на пензијата. Имено, додека трае работниот век значајно влијание врз износот на пензијата има остварената плата за која е платен пензиски придонес. Во насока на обезбедување на достоинствен живот, МТСП во рамките на своите надлежности обезбедува повеќе програми и други форми на финансиска поддршка за таа цел“, вели нашата соговорничка.

Инаку, податоците на ПИОМ покажуваат дека расте учеството на расходите на овој пензиски фонд како учество во БДП. Така на пример во 2007 година расходите јна ПИОМ биле 9,8 отсто од БДП, една година подоцна се намалиле на 9,6 отсто, но во 2020 година достигнаа 11,6 отсто, а во 2021 биле 11,1 отсто.

Од ПИОМ наведуваат дека порастот на платите и на вработеноста е значаен фактор за пресметка и плаќање на придонесот за ПИО и за приходите на фондот.

Стапката на придонес е 18,8 отсто од бруто плататата и е основен и најголем извор за финансирање на фондот. Средствата кои ПИОМ ги добива од државниот Буџет биле 37,52 отсто од вкупните приходи на фондот.

Според завршната сметка на ПИОМ за 2022 година расходите за пензии изнесувале 67.569 милиони денари (над една милијарда евра), или 77,13 отсто во однос на вкупните
расходи, а во однос на планираните средства со Буџетот, извршувањето изнесува 99,89 отсто.

Премиерот Димитар Ковачевски неодамна соопшти дека со последното усогласување во март пензијата се покачи за 8,4 отсто, а усогласување ќе има повторно и во септември, со што пензиите за една календарска година ќе достигнат раст од 25 отсто.

Според пресметките на пензионерите, со предвиденото покачување во септември околу 700 денари плус на сметката ќе добијат пензионерите со најниски пензии. Од вкупно 333 илјади пензионери, 94 илјади земаат пензија во првата група која ги опфаќа пензионерите до 13.300 денари.