Фани Каранфилова Пановска, нова заменичка претседателка на СДСМ


Фото: Б. Грданоски

 Фани Каранфилова Пановска денеска е избрана за нова заменик претседателка на СДСМ, соопшти претседателот на партијата Венко Филипче по завршувањето на 30. конгрес.  

-Таа е човек со кој јас се познавам долго време, и знам дека ги носи во себе и цврсто верува во социјалдемократските вредности. Учествувала во работата на многу граѓански организации, најмногу во Фондацијата Отворено Општество и соработувала со други правни субјекти кои ги делат вредностите така како што се поставени во постулатите на нашата партија, рече Филипче. 

На конгресот, на кој присуствуваа 536 од 626 нови делегати, беше избран Централниот одбор на партијата, а до крајот на неделата ќе избрано и целото ново раководство на СДСМ.

-Првиот состанок на новиот Централен одбор ќе се одржи во текот на оваа недела и тука ќе бидат избрани членовите на новиот Извршен одбор, потпретседателите и секретарите на партијата, со што во текот на оваа недела се заокружува целокупниот процес на поставување на новото партиско раководство, рече Филипче. 

Без да соопшти детали кои се лицата што ќе бидат дел од партиското раководство, лидерот на СДСМ рече дека тоа ќе бидат млади, енергични лица кои досега не биле на ниту една висока партиска функција и дека тоа најверојатно ќе биде соопштено до крајот на неделата во четврток или во петок.

Запрашан зошто на конгресот не беше присутен Зоран Заев, поранешен лидер на партијата, рече дека тој не бил физички присутен тука. 

Новата Заменик-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, на денешниот 30-ти Конгрес на СДСМ порача функцијата со себе носи огромна одговорноста пред членовите на партијата и пред граѓаните.
 
„Одговорноста е огромна пред сѐ заради фактот што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е исправен пред предизвикот да ја исцрта и уште поважно да ја одработи траекторијата на промените и реформите на партијата кои ќе го обезбедат нејзиниот  понатамошен развој и ќе го отелотворат нејзиниот правец на делување, процеси кои треба и мора да ја вратат партијата на вистинскиот колосек“, рече Каранфилова-Пановска.
 
Во своето обраќање пред делегатите, Каранфилова-Пановска подочи дека верува во професионалноста и амбициозноста на претеседателот на СДСМ, Венко Филипче и ќе го стави во функција сето нејзино искуство, знаење и вештини стекнати во професионалната кариера.
 
„Длабоко сум убедена во професионалноста, амбициозноста, трудољубивоста,страста,посветеноста, упорноста и емпатијата кои ги носи Венко, и тие беа едни од клучните причини зошто ја прифатив номинацијата. Јас, од моја страна, ќе му дадам целосна поддршка и ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики на СДСМ, кои ве уверувам ќе бидат политики за промени. Јас со себе тврдоглаво ги носам принципите, ставовите и наративот кои му прилегаат на      прогресивното граѓанско општество, кои во својата срж ја имаат потребата и борбата за слобода, демократија, човекови права, социјална правда, правичност, различност, рамноправност и интегритет – вредности за кои не сум правела и никогаш нема да направам компромис“, порача Заменичката претседателка на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска.