Фајнанс тинк: Забавување на економската динамика во втoриот квартал од 2023
Во вториот квартал од 2023, БДП се зголеми за 1.1% на годишна основа (сезонски прилагоден раст од 1%), што претставува забавување на економската динамика во однос на претходниот квартал. Иако растот на личната потрошувачка (1.6%) е релативно солиден но забавен, а бруто инвестициите забележуваат помал пад од претходно (-1.2%), забавувањето на вкупната економска активност главно е под влијание на намалувањето на извозната активност (-1.2%). Овој пад е во линија со забавената активност и негативните стапки на раст на економиите од главните трговски партнери, се неведува во најновиот Макроекономски монитор на Finance Think.
Во анализата се посочува дека, секторски, само градежништвото забележа драматичен пад (-21.8%), додека другите сектори растеа со слична или побрза динамика споредено со крајот од претходната и почетокот од годинава. Јавната потрошувачка ја продолжи патеката на консолидација (-2.7%), но буџетскиот дефицит во првото полугодие од годината изнесува 5.8% од БДП, што е над годишната проекција од 4.6%.
Невработеноста во вториот квартал од 2023 изнесува 13.1%, што е благо намалување во однос на претходниот квартал (13.3%), рефлектирајќи присутна стагнација и на пазарот на труд. Сепак, вработеноста благо се зголеми на 45.5% од 45.1% во претходниот квартал, додека активноста на пазарот на труд на 52.4% од претходните 52%.
Во вториот квартал од 2023, инфлацијата забави на 11.2% на годишна основа, од 16.1% во претходниот квартал. Забавувањето е водено од спласнувањето на глобалните притисоци кај цените на енергијата и на повеќе групи храна, но со продолжени глобални ризици кај некои примарни производи. Додека, базичната инфлација и понатаму покажува значајна упорност, што налага затегнатост на монетарната политика и внимателност на фискалната политика. Дополнително, одредени домашни ценовни притисоци се се’ уште присутни во сегментот храна како одраз на корпоративни и трговски практики, и налагаат мерки во доменот на политиките за заштита на конкуренцијата.
Тенденциите за забавена економска активност, очекувани во претходниот Макро-монитор, веќе се материјализираа во вториот квартал од 2023 и се очекува да опстојат и во следните квартали. Економијата е под значаен ризик од понатамошно забавување. Finance Think ја намалува проекцијата за раст на БДП во 2023 на 1.7% (од претходните 2%), а проектираниот раст на цените благо се зголемува на 9.7%.