„Езерце“ во Скопје е урнато. Ќе никне ли нов ресторан таму?

Градоначалникот на Скопје вели дека ќе се изгради дестко катче. Од Општина Центар велат дека планот предвидува ресторан


Од „Езерце“ не остана ништо (Фото: Независен)

 

Поранешниот ресторан „Езерце“, односно она што по години негрижа остана од него во Градскиот парк во Скопје, деновиве се урива до темел.

Што ќе има на тоа место е дискутабилно, затоа што градоначалникот на Скопје, Орце Ѓеорѓиевски тврди едно, а Општина центар сосема друго. Ѓеорѓиевски вели дека таму ќе имало „детско катче“, додека од Центар тврдат дека ќе има ресторан.

Напуштените остатоци од досегашниот објект (Фото: Б. Грданоски)

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски вели дека остатоците од „Езерце“ биле „ругло“ на градот, јавен тоалет, па затоа, во соработка со Општина Центар, решиле да го „урнат делот што е дивоградба и на тоа место да се уреди детско катче, а околу него да има поставено клупи на кои ќе седат родители или дедовци и баби и ќе ги гледаат децата како играат“.

Тој вели дека игралиштето ќе биде бетонирано, а ќе размислат за дополнителните елементи, но таму нема да има никаков објект.

Општина Центар, пак, тврди спротивно.

На прашање на „Независен“, што ќе се гради на местото на поранешниот ресторан „Езерце“, затоа што деновиве таму се забележливи багери, кои ги урнаа сите остатоци од некогашниот објект, велат дека просторот ќе се уреди, но предвиден е и објект кој треба да функционира како ресторан.

Фото: Независен

„Во Градскиот парк, на местото на поранешниот ресторан ‘Езерце’, Општина Центар изработи проект за целосно уредување на просторот. Наместо сегашната руинирана слика, предвидено е оформување на уреден хортикултурен простор и изградба на современ угостителски објект – новиот ресторан ‘Езерце’, кој повторно ќе стане култно место за дружење и уживање на скопјани и посетителите“, ни одговорија од Општина Центар.

Оттаму дообјаснуваат дека според урбанистичкиот план, на локацијата е предвиден угостителски објект со површина од 249 м², кој ќе се вклопи во градежната парцела со големина од 1.255 м². Земјиштето е сопственост на Општина Центар, што овозможува проектот да се реализира со целосна контрола и грижа за јавниот интерес.

Објектот „Езерце“ е една од локациите што буди убави спомени кај жителите на главниот град, бидејќи објектот е дел од срцето на некогашно старо Скопје. Постои уште од 1949 година, а тука старите скопјани го паметат забавниот парк, како и железничката станица по која возел популарниот воз „Ќиро“. Објектот бил билетарница од каде што се купувале билетите за забавниот парк. Потоа објектот прераснува во ресторан, кој функционираше до пред повеќе од десет години.

За локацијата, Општина Центар уште во 2014 година распиша конкурс за изработка на архитектонско-урбанистички проект со идејно решение што требаше конечно да стави крај на запуштениот и руиниран објект, но ништо не произлезе од тие напори. Објектот денеска е урнат, а по кој план ќе се изгради, по оној на Ѓорѓиевски или оној на Општина Центар останува да видиме.

За ова решение склучена е меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Центар.