Европското обвинителство ја истражува набавката на вакцината против Ковид-19 во ЕУ


 

Европското јавно обвинителство (ЕППО) денеска на Твитер потврди дека спроведува истрага за набавката на вакцини против Ковид-19 во Европската унија. ЕППО не соопшти ништо подетално од тоа, а оваа порака ја објави на Твитер, додавајќи дека „оваа исклучителна потврда доаѓа по исклучително високиот интерес во јавноста“.

Набавката на вакцината против Ковид-19 се одвиваше заеднички на ниво на сите земји-членки на ЕУ, наместо на национално ниво на секоја поединечна држава, а работата ја водеше Европската комисија во соработка со националните власти на државите-членки.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен беше предмет на интерес на Европскиот омбудсман, народиот правобранител Емили О’Рајли поради СМС пораките што фон дер Лајен ги разменуваше со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.

Веста за постоењето на овие пораки првпат беше објавена од Њујорк Тајмс во април 2021 година, по што Народниот правобранител О’Рајли побара од Комисијата да и го достави овој материјал, но Комисијата во јуни 2022 година одговори дека не може да најде и нема обврска да се најдат тие СМС пораки.

Нема индиции дека истрагата на ЕППО, потврдена денеска во официјална порака на Твитер, се однесува на она што го истражувала и Емили О’Рајли.

„Во оваа фаза нема да бидат објавени дополнителни детали“, се вели во објавата на ЕППО на Твитер.