Европското движење бара повеќе вработувања во здравството


Изразуваме длабоко сочувство до семејствата, кои ги изгубија своите блиски во
пожарот на Модуларниот ковид-центар во Тетово. Тагата е уште поголема, бидејќи овие луѓе беа болни, изнемоштени со голема надеж да бидат излекувани. Поминаа 20 месеци од пандемијата. Се чинеше дека беа апсолвирани сите безбедносни ризици, беа правени анализи и беа носени препораки. Верувавме дека институциите ќе знаат да го употребат овој капитал што доаѓаше од повеќе страни. Меѓу нив беа и препораките на Националната конвенција за Европската Унија НКЕУ-МК.

Имено, на есенската сесија со наслов: „Пандемијата и безбедноста: Како понатаму“
одржана во октомври 2020 година детално беа разработени препораки. Упатуваме само на првата, а другите може да се консултираат на линкот: shorturl.at/iyDJO

„Институциите надлежни за справување со кризи, вклучувајќи ја тука и кризата
предизвикана од КОВИД-19, укажуваат на дефицит од човечки ресурси, особено дефицит од обучени човечки ресурси подготвени за дејствување во вонредни услови. Се предлага, институциите во доменот на здравството како и безбедносните институции да бидат зајакнати со нови човечки потенцијали (нови вработувања).“

Потенцираме дека клучен елемент во справување со пандемијата се човечките
ресурси, покрај поголемиот број вработувања во здравството и безбедносните сегменти, постигнување согласност за првостепено значење на здравјето на сите граѓани, а потоа сé друго.

На крајот посакуваме да почне сериозно да се применува основниот организациски
принцип – одговорност на сите институции во државата.