Европските цени на гасот на највисоко ниво од почетокот на 2023 година


Цените на гасот во Европа нагло се зголемија во вторник, достигнувајќи го највисокото ниво од почетокот на 2023 година, откако гасниот гигант QatarEnergy одлучи да го суспендира производството на течен природен гас (LNG) поради конфликтот на Блискиот Исток.
Мегават-час гас за испорака во април се тргуваше за 63,8 евра околу пладне на референтната холандска дигитална берза TTF, што е околу 43 проценти поскапо отколку на вчерашното затворање.

Од крајот на тргувањето на крајот на минатата недела, неговата цена се зголеми повеќе од двојно и моментално е на највисоко ниво од почетокот на 2023 година, покажуваат податоците на TTF.

Цените скокнаа по израелско-американскиот напад врз Иран во саботата. Техеран одговори со испукување ракети врз Израел и американските бази во голем број земји долж Персискиот Залив, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Катар, водечкиот светски извозник на течен природен гас.

Дополнителен поттик за цените беше одлуката на „КатарЕнерџи“ од понеделник да го прекине производството на течен природен гас (ЛНГ) поради, како што соопштија во соопштението, „воени напади“ врз објектите во индустриските градови Рас Лафан и Месаид.

Управата не прецизира кога постројките треба повторно да почнат со работа.

Неименуван информиран извор за „Ројтерс“ изјави дека компанијата ќе прогласи „виша сила“, што значи дека не може да испорачува гас до клиентите според договорените услови.

Министерството за одбрана на Катар го пријави упадот на два беспилотни летала лансирани од Иран, додавајќи дека нивните цели биле резервоар за вода во електраната во Месаид и енергетски објект во сопственост на „КатарЕнерџи“ во Рас Лафан.

Катар произведува приближно една петтина од светскиот течен гас и е втор на ранг-листата на водечките светски извозници, зад САД. Дури 82 проценти од катарскиот гас го купуваат клиенти од Азија кои сега ќе започнат трка за испораки од други извори, а резултатот ќе биде нарушена рамнотежа во снабдувањето во Европа и Азија, објаснуваат аналитичарите.

Во меѓувреме, ЕУ го суспендираше увозот на руски гас преку цевководи и планира да ги запре испораките на течен природен гас (ЛНГ). Во моментов, гасот се набавува главно од САД, Катар и Норвешка.