Европскиот самит за Арктикот во контекст на зголемени геополитички тензии
Лидерите на Европската Унија денеска ќе се сретнат во северна Финска за да разговараат за зајакнување на присуството на Унијата на Арктикот, регион каде што геополитичките тензии достигнаа врв во последните месеци.
Француските медиуми потсетуваат дека изминаа седум месеци откако американскиот претседател Доналд Трамп по трет пат се закани дека со сила ќе го преземе Гренланд, огромниот арктички остров и автономна данска територија, предизвикувајќи голема криза меѓу западните сојузници.
Оттогаш, тензиите меѓу Европејците и Американците се смирија, но европските лидери не ги заборавија овие закани и сега сакаат заеднички да разгледаат начини за зајакнување на своето присуство во регионот, свесни за присуството на непријателска Русија од другата страна на долгата финска граница.
На денешниот Европски самит за Арктикот, во северниот фински град Рованиеми, попознат како градот на Дедо Мраз, ќе присуствуваат германскиот канцелар Фридрих Мерц и данската премиерка Мете Фредериксен, заедно со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Целта е, пред се, да се зајакне заедничкиот стратешки пристап на ЕУ кон Арктикот, во време кога геополитичката и економската важност на регионот постојано расте“, изјави Туомас Тиканен, советник на финскиот премиер Петери Орп.
Средбата се одржува во време кога се очекува за неколку недели Европската комисија да ја презентира новата стратегија за Арктикот. Овој документ треба да ги дефинира главните насоки на Брисел за дејствување во регионот во наредните години.
Интересот за Арктикот значително се зголеми од 2021 година, кога беше усвоена последната политика на ЕУ посветена на регионот.
На самитот не се очекуваат формални одлуки, но се очекува лидерите денеска да усвојат заедничка декларација и да разговараат за широк спектар на теми, од економски интереси до безбедносни прашања.
По заканите на Доналд Трамп од јануари, од кои тој не се дистанцира целосно, НАТО веќе започна нова мисија насочена кон зајакнување на безбедноста на Арктикот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го посети Гренланд на почетокот на септември, носејќи ѝ на територијата пакет помош во вредност од 200 милиони евра. Во тоа време, таа вети дека ЕУ „ќе биде поприсутна и поактивно ангажирана во Гренланд и Арктикот“.
Арктикот е исто така во центарот на загриженост за еколошките прашања. Според експертите, поради климатските промени, регионот се затоплува речиси четири пати побрзо од светскиот просек, што има големи последици за екосистемите и населението што зависи од овие области.
Топењето на морскиот мраз истовремено отвора нови економски и стратешки можности. Русија, Кина и САД затоа го зголемија своето присуство во регионот, особено со цел пристап до неговите богати природни ресурси и развој на нови поморски патишта.