Европскиот парламент со резолуција побара Србија да го признае Косово

Во резолуцијата се бара Белград итно да воведе санкции против Русија


 

Членовите на Европскиот парламент (ЕП) усвоија резолуција во Стразбур во која се наведува дека напредокот на Србија кон ЕУ директно ќе зависи од зајакнувањето на владеењето на правото, нормализирањето на односите со Косово и усогласувањето со европската надворешна и безбедносна политика, што вклучува воведување санкции против Русија.

Резолуцијата, врз основа на извештајот подготвен од известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик, беше усвоена на пленарната седница на ЕП со 523 гласа „за“, 78 „против“ и 34 воздржани.

Со резолуцијата усвоена денеска, Европскиот парламент за првпат ги повикува Србија и Косово да постигнат договор за нормализација на односите „врз основа на взаемно признавање“.

Во резолуцијата се изразува длабоко жалење што Србија не се приклучи на санкциите воведени од ЕУ кон Русија поради инвазијата на Украина и ги повикува новоизбраните власти во Белград итно да се придржуваат кон надворешнополитичките одлуки на ЕУ, вклучително и воведувањето санкции против Русија. .

Европскиот парламент ја повикува Србија да ги преиспита односите со Русија на полето на одбранбената политика и да ги прекине формите на воена соработка со Русија, се наведува во резолуцијата.

Идната влада во Белград е повикана недвосмислено да покаже посветеност на европските вредности, стандарди и правила, а пратениците повторно ја изразуваат својата загриженост за ограничениот напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Европскиот парламент ги усвои сите амандмани поднесени во писмена форма на резолуцијата за Србија, но не и усно предложениот амандман на Билчик, на кој се спротивставија повеќе од потребните 38 пратеници.

Билчик со устен амандман сакаше во резолуцијата да вклучи дека ЕП „жали за зголемувањето на тензиите во односите меѓу Белград и Приштина, во врска со прашањата за регистарските таблички и слободата на движење и уште еднаш да укаже на важноста за справување со сите отворени прашања преку дијалог со посредство на ЕУ“. (Бета)