Европски парламент: Унгарија веќе „не може да се смета како демократија“


Неволји за Виктор Орбан

 

Унгарија повеќе не може да се смета за демократија, а европските вредности се под системска закана во земјата, објави Европскиот парламент во извештајот усвоен во четвртокот.

Во овој момент, се заклучува во извештајот, Унгарија стана „изборна автократија“.

Предлогот – кој беше усвоен со 433 гласа за, 123 против и 28 воздржани – претставува уште една симболична опомена од институциите на ЕУ кон Унгарија, која со години се соочува со омаловажување поради загриженоста за владеење на правото. Но, потегот на парламентот веројатно нема да доведе до некоја конкретна казна.

Во нивниот извештај, членовите на парламентот наведоа низа грижи – од функционирањето на изборниот систем на земјата до нејзината судска независност. Тие, исто така, изразуваат стравувања за академската и верската слобода, како и за правата на ранливите популации.

„Длабоко жалиме што недостатокот на решителна акција од страна на Европската унија придонесе за рушење на демократијата, владеењето на правото и основните права во Унгарија, правејќи ја земјата хибриден режим на изборна автократија“, рече европратеничката од Зелените, Гвендолин Делбос-Корфилд, водечки европратеник во извештајот.

Парламентот не е единствената институција на ЕУ што е во судир со Будимпешта.

Европската комисија е ангажирана во долга битка со земјата околу владеењето на правото, притискајќи ја Унгарија поради наводната злоупотреба на јавните средства за збогатување на личности блиски до владејачката партија Фидес. Во недела, Комисијата се очекува да препорача значително намалување на унгарските фондови на ЕУ – истовремено давајќи ѝ на земјата неколку месеци да најде компромис.

Парламентот, исто така, долго ја критикуваше состојбата на демократијата во Унгарија.

Веќе во 2013 година го усвои таканаречениот „Извештај Тавареш“ – именуван по португалскиот европратеник Руи Тавареш – кој предупреди за ризиците за независноста на судството, медиумскиот плурализам, изборниот систем, верските слободи и малцинските права во земјата.

Во 2018 година, европратениците го презедоа историскиот чекор за активирање на таканаречената постапка на ЕУ со член 7 против Унгарија – процес што се користи кога се смета дека земја-членка има ризик да ги прекрши основните вредности на блокот. Тој процес оттогаш е закочен во Советот на ЕУ каде се претставниците од земјите-членки.

Извештајот од четврток го поттикнува Советот да преземе мерки против Унгарија. Текстот вклучува нацрт на потенцијалниот предлог на Советот во кој се наведува дека „постои јасен ризик од сериозно прекршување од Унгарија на вредностите на кои е основана Унијата“.