Европски држави со најмногу автомобили по жител, Македонија на 29-то место


Фото: Б. Грданоски

Луксембург е земјата каде на 1.000 жители има најмногу автомобили во Европа.

Британскиот осигурителен портал “Confused.com”,  обработи податоци на Еуростат за 2019-та година и направи листа на европски земји по број на автомобили на 1.000 жители. Очекувано, земјата со најголем сооднос на бројот на автомобили во однос на населението е Луксембург, една од најбогатите светски земји. Има 681 автомобил на 1.000 жители.

На второ место е Италија со 663 автомобили на 1.000 жители. Станува збор за земја со неверојатна традиција во автомобилската индустрија, со голема љубов кон автомобилите и секако, земја со одлична мрежа на автопати. На третото место е Кипар, мала островска земја чии жители се прилично зависни од автомобилите, пренесува “Index.hr”.

Каде е Македонија?
Иако со оглед на секојдневните метежи и преполните паркинзи многумина би помислиле дека сме при врвот, податоците велат поинаку. Македонија се наоѓа на 29-тото место со 205 автомобили на 1.000 жители.

Ако се погледне оваа табела, може да се забележи дека прилично заостануваме зад претпоследната држава на оваа листа, Романија, каде има 357 возила на 1.000 жители.

Така, според оваа табела Македонија е на самото европско дно, но од “Confused” велат дека имаат непотполни податоци за некои земји меѓу кои Турција, Албанија и Србија.