Европската комисија најави нови даночни правила поради Пандора документите

Европската комисија ќе претстави нови законски решенија против затајување данок до крајот на годината, изјави денеска еврокомесарот за даноци Паоло Џентилони.
Тој им рече на пратениците дека Комисијата ќе продолжи да се бори против даночно затајување и избегнување на обврските и ќе предложи нови правила за зголемување на количината на информации што автоматски се разменуваат меѓу националните даночни власти.
Дискусијата за даноците беше вклучена во агендата на Европскиот парламент по овонеделениот извештај за големо протекување даночни податоци, познат како „Пандора документи“.
Оваа документација покажа колку богатите и влијателни лица продолжуваат систематски да отвораат оф -шор компании за да ги намалат даночните сметки, пренесува Кликс.ба.
Иако таквите активности не мора да вклучуваат затајување данок, плаќањето помали даноци во други земји со помош на даночни советници се повеќе се доведува во прашање, особено кога светот излегува од економската криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19.
За потсетување, на последниот ден од минатиот викенд, бројни медиумски куќи објавија истражување која вклучува милиони документи кои го покажуваат скриеното богатство на многу светски лидери и познати личности, како и сите методи што ги користеле кога станува збор за затајување данок.
Повеќе од 600 новинари од 117 земји со месеци ги пребаруваа датотеките од 14 извори, а резултатите беа објавени како Пандора документи.