Европската демократска партија на Аријанит Хоџа се спојува со ДУИ
„Сметајќи го политичкиот моментум како важен во однос на најголемото можно политичко обединување на Албанците и за што посилно артикулирање во рамките на политичкиот глас, особено по конгресот на ДУИ, промените што се случија и усвоените резолуции, Централното собрание на Европската демократска партија оцени дека треба да се даде шанса на обединување во рамките на политичка партија што ќе продолжи да биде главен глас на Албанците во Северна Македонија“, соопшти партијата.
Од ЕДП додаваат дека Централното собрание го овластило претседателот на партијата Хоџа да ги продолжи разговорите со претседателот на ДУИ и да најде најдобра форма и модел за заокружување на овој процес.
ЕДП предводена од Хоџа пред парламентарните избори во 2024 година стана дел од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, а во коалицијата НАИ на Ахмети настапија и на ланските локални избори.
Хоџа политички првпат се активира во ДПА тогаш предводена од Арбен Џафери, за потоа да стане дел од партијата Нова демократија на Имер Селмани кој исто така се отцепи од ДПА. Потоа премина во Беса и беше генерален секретар и потпретседател на партијата на Билал Касами.
Хоџа беше министер за земјоделство во Владата на Зоран Заев, откако Беса направи предизборна коалиција со СДСМ во 2020 година.
Генералното собрание на ДУИ на состанокот пред два дена ги повика сите политички партии во земјава кои се блиски до визијата на ДУИ, како и интелектуалните, социјалните и професионалните капацитети, да се приклучат во нивната партија.