Европска пензиска служба: Еден од пет Европејци е во опасност од сиромаштија во староста


Еден од пет Европејци веќе е во опасност да биде сиромашен во староста, а земјите од Европската унија треба да спроведат итна реформа на сегашниот пензиски систем, предупреди директорката на Европската служба за осигурување и пензија со седиште во Франкфурт, Петра Хилкем.

-Тоа е неверојатно висок процент, а за жените ризикот е за 30 проценти поголем, изјави Хилкем за Политико.

Според неа, земјите од ЕУ треба автоматски да ги регистрираат вработените во пензиските системи за да го заштитат населението, кое старее со забрзано темпо.

Ситуацијата само ќе се влошува, а за 40 години ќе има само 1,5 вработени на секој пензионер, што е двојно помалку од сегашниот сооднос.

Политико наведува дека стандардниот европски модел со децении наназад се потпираше на државниот пензиски систем што се грижи за постарите граѓани.

Мешутоа, како што луѓето живеат подолго и стапката на наталитет се намалува, трошоците за ваквите системи се зголемуваат, па кога на ова ќе се додадат здравствената заштита и грижата за стари лица, овој товар врз даночните обврзници станува огромен.

Едно од решенијата за оваа ситуација е создавање комплементарни приватни пензиски системи, или пензиски системи поврзани со работното место на вработените, со цел да се обезбеди дека тие ќе можат да сметаат на одреден фонд.

Скандинавските земји се најдобро организирани во оваа смисла бидејќи имаат неколку различни извори на финансирање за пензионерите, додека многу земји, особено во Источна и Јужна Европа, главно се потпираат на државни пензии, наведува „Политико“.

Хилкем, која од 2021 година е на чело на Европската канцеларија за осигурување и пензии (EIOPA), верува дека постои моментум за големи промени, што ќе ѝ даде на службата поголема улога.

Во следните неколку месеци, Европската комисија ќе објави препораки за пензиите и изворот на нивното финансирање со цел да се справат со демографските и финансиските предизвици во рамките на ЕУ.

Според „Политико“, до крајот на годината, ЕК ќе им предложи на владите да воспостават дигитални сметки за штедење и инвестиции што ќе им бидат достапни на сите граѓани, како и системи за следење на пензиите и даночни олеснувања за да ги направат мерките за штедење за пензискиот фонд попривлечни.

Клучна мерка е воспоставување систем што автоматски би ги запишувал луѓето во пензиските фондови на вработените.

-Ако работите автоматски би биле вклучени во пензискиот фонд. Ако не сакате, тогаш ќе бидете ослободени од тоа, истакна Хилкема.

Таа додаде дека се работи и на создавање одреден начин самовработените и хонорарците да можат да штедат за својот пензиски фонд.

На крајот, националните влади ќе мора да иницираат вакви реформи, а прашањето за пензиите е политички експлозивно, објавува „Политико“.