Европска ноќ на истражувачите: Скопје домаќин на ЦЕРН изложбата

Делегацијата на ЕУ и Јуроп хаус вчера, со настан во просториите на Дајмонд Мал, ја одбележаа Европската ноќ на истражувачите 2025. Настанот претстави финален чекор од бројните активности кои Јуроп хаус ги организираше низ целата земја.
Оваа година е јубилејна за науката, бидејќи низ цела Европа се одбележуваат 20 години од Европската ноќ на истражувачите , што ја прави 2025-та значаен момент во промовирањето на науката. Токму затоа, главниот настан оваа година, изложбата „ЦЕРН и Универзумот: Науката која нè поврзува“, се реализираше во соработка со една од најважните светски научни институции – ЦЕРН, водечкиот центар за нуклеарна и честичка физика, како и со Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
За време на отворањето на изложбата се обратија амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, Мимоза Ристовска од Институтот за физика при ПМФ, Тадеуш Куртика од ЦЕРН, како и Јан Стојановски, студент од ПМФ, меѓународно признат по физика и математика и претставник на новата генерација млади истражувачи. Амбасадорот Рокас во своето обраќање истакна: „Целта на овој настан е да ја разгори љубопитноста кај младите и да ги охрабри да се стремат кон кариера во науката и технологијата. Преку изложби како оваа, покажуваме дека науката не е апстрактна – таа е жива, жива практика која влијае на сите нас. Во време кога дезинформациите и теориите на заговор премногу често доминираат во јавниот дискурс, ваквите иницијативи ја демонстрираат посветеноста на ЕУ кон знаење засновано на факти и критичко размислување. Како што вели познатата полско-француска физичарка и хемичарка, добитничка на Нобелова награда, Марија Склодовска-Кири: „Од ништо во животот не треба да се плашиме, само треба да разбираме. Сега е времето да разбереме повеќе, за да се плашиме помалку.“
Во наредните две недели изложбата „ЦЕРН и Универзумот: Науката која нè поврзува“ на посетителите ќе им даде можност да ја истражат историјата на универзумот и честичката физика, да учествуваат во виртуелни прошетки низ акцелераторот на ЦЕРН и да го посетат детското научното катче која преку игра ќе ги запознае децата со атомите и периодниот систем.
Активности по повод Европската Ноќ на Истражувачите се одржаа и во Битола, Струга, Охрид, Тетово, Велес, Крива Паланка, Куманово и Струмица, каде беа реализирани паралелни програми со различни иницијативи, но сите во духот на науката и истражувањето. Во Битола граѓаните имаа можност да доживеат виртуелна реалност, во Струга и Охрид се организираа активности под мотото „Наука покрај брегот“, во Струмица децата и средношколците беа вклучени во креирање научни експерименти, а во Велес беше реализирано научно „ловење богатство“. Во Крива Паланка и Куманово учениците учествуваа во лабораториски сесии кои на крај добија и симболичен „пасош за млад научник“. Во руралните училишта од тетовскиот регион младите беа вклучени во лабораториски работилници, а планирано е и преку Јуроп хаус, ученици од Кочани да допатуваат во Скопје за да ја посетат изложбата на ЦЕРН.
Дополнително, во рамките на програмата планирано е да се одржи уште еден настан, поточно мастер-клас на д-р Тадеуш Куртика од ЦЕРН на тема “ЦЕРН, Големиот хадронски сударач и идните забрзувачи на честички”, кој ќе се реализира во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Преку ваквите настани се овозможува не само да се приближи науката до јавноста, туку и младите да ја видат својата иднина како дел од европската научна заедница. Настаните имаат за цел да им дадат видливост на младите талентирани истражувачи, да ги поврзат со светски научни практики и да им понудат инспирација за нови идеи и достигнувања. Оваа иницијатива ја нагласува важноста науката да биде достапна за сите, без разлика дали се ученици, студенти или љубопитни граѓани кои сакаат да дознаат повеќе.
Изложбата „ЦЕРН и Универзумот: Науката која нè поврзува“ во Дајмонд Мал во Скопје останува отворена за јавноста до 15 октомври. Сите заинтересирани се поканети да ја посетат, да откријат фасцинантни факти за универзумот и честичката физика и да ја доживеат науката одблизу преку интерактивни содржини и едукативни активности.