Европол: ИД мобилизира се повеќе жени


Жените почнуваат да играат се поважна улога во џихадистичката организација Исламска држава, како во борбите, така и во терористичките напади во западните земји, соопшти Европската полициска агенција – Европол, предупредувајќи дека тоа може да има долгорочни последици за други џихадистички групи.

Задачите на жените ги опфаќаат „медиумите, секторите за здравство и образование“ – сите одговорности без кои прогласениот калифат од ИД не би можел да функционира.

Во споредба со претходните џихадистички групи, жените, исто така, се повеќе се присутни во пропагандата на ИД и како автори на изданија, и како целна група, се наведува во извештајот на Европол.

Иако ИД не е прва терористичка група која мобилизира жени  во својата борба, Европол наведува дека една од причините за нејзината привлечност е „што им се дозволува на жените да патуваат до териториите на калифатот без придружба од маж“.

– Загрижувачко е тоа што зголеменото учество на жените може да отвори пат кон потенцијално значајни промени во улогата на џихадистките во иднина, се додава во извештајот.

Минатата година 15 проценти од осудените поранешни членови на ИД во Европа биле жени, што претставува пораст во споредба со претходните години.