Евробаскет 2029 ќе се игра на стадионот на Реал Мадрид
Претставниците на кошаркарската федерација на Шпанија и легендите на шпанската кошарка во Мадрид ги претставија плановите за Евробаскет 2029, кое покрај во Шпанија ќе се игра и во Словенија, Естонија и Грција. Секако главната вест беше дека првиот натпревар на шампионатот ќе се игра на фудбалскиот стадион на Реал Мадрид „Сантијаго Бернабе“ пред 80.000 гледачи.
Тоа треба да биде историски момент за ФИБА, како натпревар со најмногу гледачи.
– Првиот натпревар ќе биде одигран пред 80.000 гледачи. Тоа ќе значи дека се „отвора“ нова страница во историјата на кошарката, изјави претседателката на кошаркарската федерација на Шпанија Елиса Агилар.
Мадрид ќе биде единствениот шпански град каде ќе се играат натпревари во оваа држава, а покрај на стадион на Реал натпреварите ќе се играат и во салата на Реал Мадрид.