Евидентирани се 50 случаи на грип за една недела, за 61,3 отсто повеќе од претходната недела


Фото: Б. Грданоски

Изминатата недела пријавени биле 50 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, што е за 61,3 отсто повеќе во споредба со претходната недела, соопштуваат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Заболените лица оваа недела се регистрирани во Куманово – 18, Гостивар – 16, Свети Николе – 7, Тетово – 5 и Кавадарци и Кочани – по 2. Во однос на возраста, од 15 до 64 години се регистрирани 38 лица, 5 лица се на возраст над 65 години, 6 се деца на возраст од 5 до 14 години и едно е дете на возраст до 4 години.

„Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, посебно на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи – постарите лица (над 65 години), деца на возраст од 6 до 59 месеци, лица постари од 6 месеци со хронични болести, бремени жени и здравствени работници. За сезоната 2024/2025, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 70.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 10.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од PIVI (Partnership for Influenza Vaccine Introduction)“, соопштува ИЈЗ.