Евакуација во Ист гејт мол поради опожарено возило
Од МВР потврдуваат дека трговскиот центар е вратен во функција
Поради појава на чад, која најверојатно е предизвикана од автомобил кој се запалил подземните паркинзи во трговскиот ценатар „Ист Гејт“, денеска биле евакуирани посетителите и вработените во трговскиот.
На лица кои во моментот се затекнале во „Ист Гејт“ им било соопштено да го напуштат трговскиот центар, а притоа првично не им било дозволено да ги земат своите автомобили.
По кратко време на посетителите им било дозволено да се вратат по своите возила. Сите биле евакуирани од трговскиот центар.
Од страна на обезбедувањето била направена евакуација и засега нема информации за повредени лица.
И МВР ја потврди информацијата.
– Денеска во 13.42 часот пријавено е дека во ТЦ Ист Гејт Мол се вклучиле противпожарните аларми при што веднаш од страна на обезбедувањето е реагирано и е утврдено дека станува збор за запалено возило „рено лагуна” во подземниот паркинг. Пожарот е изгаснат од страна на обезбедувањето . Од МВР потврдуваат дека трговскиот центар е вратен во функција.
„Во врска со активирањето на алармниот систем во трговскиот центар, би сакале да Ве известиме дека проблемот на паркингот кај едно од возилата е навремено детектиран и веднаш е решен. Tрговскиот центар е безбеден и продолжува да работи со регуларно работно време, велат од Ист Гејт.
Во октомври, во трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје, беа повредени две лица, откако врз нив било пукано .
Ова беше втор вооружен инцидент во шопинг центарот за неколку месеци. На 25 август годинава, имаше пукање во гаражите во молот. Тогаш беше пукано кон Раде Трајковски – Штекли, поранешен затвореник, но тој не беше погоден, оти возилото со кое се превезувал било блиндирано.