„Еуровиа“ која го доби тендерот од МНР за конференцијата на ОБСЕ е најголем донатор на ДУИ
Градежната фирма „Еуровиа дооел“ од тетовско Желино, која за 1,8 милиони ќе го преадаптира Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за министерската конференција на ОБСЕ, лани била најголем донатор на владејачката ДУИ. „Еуровиа“ го доби тендерот од Министерството за надворешни работи и го склучи договорот на 21 август откако понудила далеку најниска цена што било и единствен критериум.
Избрана била „Еуровиа“, компанија која лани била најголем донатор на ДУИ. Таа е во сопственост на Ељмедин Адеми, внук на поранешниот министер од ДУИ, Абдулаќим Адеми. Фирмата донирала 1,85 милиони денари како правно лице, додека донацијата Ељмедин како физичко лице била нешто над 2,5 милиони денари.
Претходно, „Еуровиа“ го доби и тендерот од два милиони евра за изградба на нов објект на полициската станица Аеродром, како и тендерот за реконструкција и пренамена на објекти за Универзитетот „Мајка Тереза”.