ЕУ вклучена во конзервацијата и реставрацијата на куќата-музеј на Личеноски (фото)

Конзервацијата на мозаичното културно наследство од Спомен куќата на Лазар Личеноски започна 2021 година и целосно е завршено во текот на 2022 година


Фото: М. Агрикиева

Спомен-куќата „Музеј Лазар Личеноски“ , сместена на кејот на Вардар, под Кале,  е еден од најважните проекти, како за Националната Галерија така и за културната јавност во земјава воопшто заради што и постојано поттикнува голем интерес. Но, воедно, е и проект со кој институциите се соочуваат со најмногу предизвици во неговото реализирање. Зошто?

„Станува збор за еден долг процес кој сам по себе опфаќа повеќе фази и ангажман од повеќе тимови и многу стручни лица. И покрај добрите желби и силните настојувања што поскоро да го направиме достапен на јавноста, морам да кажам дека обемноста и сложеноста на работите при изработката и реализацијата на одделните конзерваторски и реставраторски проекти, сами по себе го диктираат и темпото на реализација“, рече вчера, на одбележувањето на третиот роденден на Европската куќа во Скопје, во интимниот простор на Личеноски, Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и првата дама Елизабета Ѓоргиевска. 

Фото: М. Агрикина

Проектот опфаќа конзервација, адаптација и ревитализација на куќата на сликарот Лазар Личеноски со крајна цел таа како дом на еден најзначајните основоположници на македонската современа ликовна уметност биде пренаменета во спомен куќа „Музеј Лазар Личеноски“. Со ова на новите генерации, но и на туристите ќе им се овозможи автентично да го доживеат амбиентот во кој овој наш доајен живеел и творел, а водено извршувал и едукативна работа.

„Со оглед на тоа дека процесот за валоризација на куќата како потенцијално културно добро кое треба да биде заштитено како културно наследство започнал уште во 2008, логично се наметнува прашањето каде сме денес,  на  крајот на 2022 година, по речиси деценија и половина. Можеме да кажеме дека Спомен-куќата „Музеј на Лазар Личеноски“ е во фаза на ревитализација и преадаптација според предвидената намена како во поглед на архитектурата, така и на движниот културен материјал. Тоа значи дека проектите кои опфаќаат конзервација на движниот културен материјал (слики, мозаици, етнолошки, библиотечен и архивски материјал), а се во наша надлежност, веќе се завршени и редовно се аплицира во рамките на Националната програма за да се обезбедат финансии за релизација на активностите. Движниот културен материјал е евидентиран и згрижен во нашите депоа со што сме обезбедиле максимална заштита на истиот како впрочем и за сите останати дела од колекцијата. Овде сакам да напоменам дека конзервацијата на мозаичното културно наследство од Спомен куќата на Лазар Личеноски започна 2021 година и целосно е завршено во текот на 2022 година. Во тек е конзервацијата на  сликите која ќе оди во неколку фази, заради обемноста на обврските и во зависност од средствата кои ќе ни бидат одобрени од страна на Министерството за култура. Во очекување сме да ни бидат одобрени финансии и за проектот кој предвидува конзервација на етнолошкиот материјал како би можеле да отпочнеме со непосредна заштита на истиот. Тука е и библиотечното културно наследство за кое во тек е изработка на проектот за негова конзервација и заштита, рече Старова-Ќерими.

Фото: М. Агрикина

Истовремено Градскиот завод за заштита веќе е во фаза на реализација на проектот за санација на куќата. Првата фаза од проектот започна во 2021 година и опфати санација на водовод и канализација, односно приклучување на водоводната мрежа, поставување на водоводна инсталација и канализациска мрежа во објектот итн. Втората фаза од проектот започна кон крајот на 2021 година и заврши во 2022 година опфаќајќи ја фазата електрика при што се изведени работи согласно одобрените финансиски средства, односно поставување на струјна инсталација, инсталација за ПП систем, систем за видео надзор, светлосна расвета во објектот и дворот и сл. Третата фаза за која во тек е изработка на Анекс на проектот, предвидува поставување на дренажен систем околу објектот заради појава на влага од атмосферски/подземни води како и санација на влезниот степенишен дел на објектот. По изработка на  дополнителниот  проект и поминати стручни контроли од надлежните институции истиот ќе се придодаде кон Основниот проект со што ќе се овозможи објава на јавна набавка за фазата архитектура.

„Значи ние веќе отпочнавме со реализација на дел од активностите поврзани со санацијата на куќата и движниот клултурен материјал, но, како понатаму ќе оди  зависи од тоа дали, кога и колку средства понатаму ќе успееме да обезбедиме. Се надевам сите или барем во најголем дел потребни за да тече непрекинато проектот, за да во што поскоро време куќата стане достапна на јавноста во најубавото светло, така како што сите сакаме да ја видиме. Ние редовно, како што можете да видите, вложуваме максимални напори за обезбедување на сите предуслови за да куќата конечно ја оствари својата намена и да ја исполниме желбата на семејството Личеноски, истакна Старова-Ќерими која на вчерашна презентација во куќата на Личеноски, ги информираше ЕУ амбасадорите за културата, за досегашните и идните активности во куќата и целиот легат на овој наш исклучителен мајстор. Притоа, ЕУ амбасадорите беа одушевени од неговото севкупно творештво и визиите за куќата, која е од круцијално значење за нашето културно наследство и културата воопшто.

Фото: М. Агрикина

„Секоја дополнителна промоција на културното наследство на нашата земја, во случајов преку канцеларијата на ЕУ и прославувањето на три години постоење кај нас, е од исклучително значење. Лазар Личеноски, основоположникот на модерната сликарска мисла кај нас, во 60те години на минатиот век имал мисија да ја донесе Европа во Македонија и да создаде еден современ културен живот за сите. Затоа и ние се радуваме што токму со ЕУ амбасадорот ја прославуваме оваа годишнина, со заедничка визија преку различни начини да најдеме можности оваа спомен куќа да стане функционална и во неа повторно да заживее творештвото на овој автор, рече Старова-Ќерими. 

Присуството на првата дама Елизабета Ѓоргиевска на јубилејот, ја надополни целата атмосфера.

Фото: М. Агрикина

„Имам чест да присуствувам на настан по повод роденденот на Europe house и да ја погледнам студентската изложба посветена на нашиот реномиран ликовен уметник Лазар Личеновски. Со културните аташеа на земјите членки на Европската унија разменивме идеи за вмрежување со цел да ги разгледаме можностите за ЕУ и чие дело ја збогатува македонската културна ризница.Гордост е да се биде патрон на Проектот во соработка со Националната галерија и претставници на Европската делегација. Проектот е значаен од повеќе аспекти, покрај идеолошката и традиционалната вредност, претставува основ да се изгради жив и динамичен простор како инспирација за наредните генерации, истакна Ѓоргиевска. 

Л.Сабит