ЕУ: Трансферот на средства од Коридорот 8 во Коридорот 10 е невозможен


Штефен Худолин

Трансферот на средства од Коридорот 8 во Коридорот 10 е невозможен. Ова го изјави Штефен Худолин, раководител на секторот „Соработка“ при делегацијата на Европската унија во Скопје за БГНЕС. На прашање на БГНЕС во врска со барањето на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, Худолин одговори: „Има јасни рокови, што треба да се направи и до кога ќе се направи (од македонска страна)“.

Тој одби да ги коментира тврдењата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски дека има обиди за „поткуп“ во однос на пругата кон Бугарија. БГНЕС потсетува дека голем дел од проектот беше финансиран од Брисел, во комбинација од значителен грант и средства од ЕИБ и ЕБОР.

Официјалниот претставник на ЕУ потсети на клучното значење на стратешкиот Коридор 8 (Варна-Драч) за целиот регион и објасни дека тоа не ја намалува важноста на Коридорот 10 (Грција-РСМ-Србија-Унгарија).

„Условите за втората меѓувладина конференција и пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ се јасни. Тие се јавни, секој може да се запознае со нив“, рече Худолин и во врска со европската интеграција на Скопје.

Во изминатите недели, Мицкоски и неговите министри побараа средствата да се префрлат од Коридорот 8 на Коридорот 10. Транспортниот коридор 10 во Европа се протега од северозапад кон југоисток и ги поврзува Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Унгарија со Грција и Бугарија.

Македонската влада тврди дека врската со Белград и Солун е поважна за економијата на Северна Македонија отколку рутата Бугарија-РСМ-Албанија. Последната е дел од таканаречениот Коридор за мобилност на НАТО, но владетелите во Скопје го сметаат за промашена инвестиција. И во последниот извештај на ЕК за земјава беше нагласено дека итно треба да се забрза изградбата на Коридорот 8.

Министерот за транспорт Александар Николоски неодамна изјави дека железничката траса е прескапа и чини околу 20 милиони евра по километар, а Бугарија нема ни готов проект – тврдење кое беше побиено со документи од бугарска страна. Николоски најави и повлекување на членовите на Комисијата за изградба на третата фаза од железничката пруга со Бугарија. (Пренесено од БГНЕС)