ЕУ: Србија би можела да се најде под санкции поради тензиите во Косово


По Косово, Србија би можела да се најде под санкции од Брисел доколку членките на Европската унија оценат дека Белград не прави доволно за да придонесе за деескалација на кризата на северот на Косово, изјавипортпаролот на Европската комисија Петер Стано.

На крајот на јуни, Европската унија усвои мерки против Косово затоа што не презема никакви дејствија за намалување на тензиите на северот на Косово.

Последната криза ја започна косовската влада
Последната од серијата кризи ја иницираше Приштина со ангажирање на полицијата за да им дозволи на градоначалниците Албанци, избрани на избори со излезност од 3,4 отсто, да влезат во четири општински администрации, кои беа бојкотирани од мнозинските Срби во тие општини.

Претходно, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, на 22 јуни изјави дека во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово треба што поскоро да се организираат вонредни избори со учество на Срби и дека Косово треба да ги прекине полициските операции во овие општини, а Србија да обезбеди повлекување на демонстрантите.

Во меѓувреме, косовската страна најави дека повлекува 25 отсто од полициските сили распоредени на северот, додека Белград инсистира дека мора да се повлечат дополнително ангажираните полициски сили, а од затвор да се пуштат Србите за кои официјален Беглрад смета дека се уапсени поради притисок од Приштина и намерата е со репресија да продолжи етничкото чистење на Србите од косово.

Портпаролот на ЕК: Србија не прави ништо за да ги смири тензиите
Портпаролот на ЕК, според извештајот на дописникот на ТВ Н1 од Брисел, изјави дека мерките на ЕУ веќе се претставени на Косово, кои следеле по отсуството на реакција на „европскиот пат кон деескалација“ на Приштина и дека „Брисел прави сè во координација со 27-те членки на ЕУ и надворешни партнери, пред се Соединетите Американски Држави“.

„Ќе воведеме и мерки против Србија доколку земјите-членки оценат дека во сегашната атмосфера и земајќи го предвид актуелниот контекст, Србија не прави ништо за смирување на тензиите“, рече Стано одговарајќи на новинарско прашање.

„Мерките може да се укинат“
Стано истакна дека пристапот на Брисел е избалансиран, а мерките се привремени. Мерките може да се укинат кога ќе се процени дека партнерите се движат во насока на смирување на тензијата и враќање на нормалниот преговарачки процес, додаде претставникот на ЕК.

Во средината на јуни, Стано објасни дека рестриктивните мерки против Косово се засновани на јасна правна основа поради потезите на Приштина направени без консултации со Брисел, што доведоа до ескалација на тензиите, како и одбивањето на косовскиот премиер Албин Курти да ги спроведе европскиот план за смирување на тензиите.

Тој денеска потврди дека во меѓувреме во Брисел пристигнало писмо од десетици европски и американски претставници со барање ЕУ и САД да го променат пристапот во однос на Косово и Србија. Стано изјави дека европската администрација нема да се огласува за тоа писмо.

Курти: Мерките против Косово се неправедни
Истовремено, косовскиот премиер Албин Курти  ја повика Европската унија да ги укине казнените мерки против Приштина и да ги подобри односите со Косово. Според извештајот на косовскиот онлајн портал, тој оценил дека мерките против Косово се неправедни.

„Ние правиме сѐ што можеме и знаеме, но би било неопходно нашите европски партнери и сојузници да ги подобрат односите со Косово што е можно поскоро. На крајот на краиштата, една демократска и прогресивна република како Косово заслужува да му се помогне со сѐ што можат, и да нема казнени мерки“, рече Курти.