ЕУ се штити со квоти и повисоки царини – македонската металургија пред огромен предизвик

Во нашиот случај, квотите директно ја ограничуваат количината на лим што може да се пласира во ЕУ, што може да се одрази врз обемот на производството и извозот, вели за „Независен“, Марија Дуковска-Павловска, Генерален директор на „Макстил“


Македонските производители на челик и челични производи се пред огромен предизвик, откако од почетокот на овој месец Европската унија ги заостри условите за увоз воведувајќи ограничени квоти и зголемени царини по искористување на одобрените количини. Проблемот не е само македонски туку многу поширок, бидејќи ограничувањата важат и за други земји надвор од ЕУ. Сепак, како држава која што претендира да биде дел од европското семејство и која што огромен дел од надворешната трговија ја има токму со овој блок, последиците можат да бидат големи, предупредуваат македонските производители.
 
На удар се „Макстил“, „Либерти стил“, ИГМ трејд“, „Дојран стил“… Тука е и „Еуроникел индустри“ (поранешен Фени) кој моментално е вон игра.
 
Во оваа индустриска гранка работат неколку илјади лица, со значајно учество во Домашниот бруто производ и во индустриското производство, а особено во извозот. Се проценува дека директниот придонес во БДП на металургијата и металната индустрија е околу 3,5 отсто до 5 отсто (во зависност од цената на челикот на светските берзи). Целокупниот индустриски сектор (со рударството, градежништвото и енергетиката) учествува со околу 13 – 15 отсто во БДП, што значи дека металниот сектор генерира речиси една третина од целата индустриска вредност.
Производство на основни метали и фабрикувани метални производи учествува со околу 12 – 15 отсто во вкупниот индустриско производство. Компаниите како „Макстил“ и „ИГМ Трејд“ се директни двигатели на индексот на индустриско производство, при што и најмали осцилации во нивната работа веднаш се одразуваат на државната статистика на месечно ниво.
Најзначајно е сепак учество на оваа гранка во извозот со над 11 отсто, а заедно со автомобилската индустрија, челикот и металните производи се најдоминантните извозни производи кои завршуваат на пазарите во ЕУ и САД.
 
„Независен“ веќе пишуваше дека станува збор за мерки за заштита на индустријата во ЕУ од приливот на увезен челик, првенствено од Кина, Европската унија ќе резервира половина од своите квоти за увоз на челик за земјите со кои има договори за слободна трговија. Според режимот на увоз без царина, кој стапи на сила на 1 овој месец, преференцијалните трговски партнери на Европската Унија (ЕУ) ќе можат заеднички да снабдуваат 9,15 милиони тони челик, што е за околу 33 проценти помалку без да плаќаат царински давачки. Дополнителни 9,15 милиони тони ќе бидат распределени меѓу сите други земји, вклучително и оние што имаат договори за слободна трговија со ЕУ.
 
Новите правила предвидуваат царина од 50 проценти за увоз на челик откако ќе се пополнат квотите без царина, што е двојно повеќе во споредба со царинската давачка од 25 проценти воведена во 2018 година. Вкупната квота без царина од 18,3 милиони тони претставува намалување од 47 отсто во споредба со претходното ниво.
 
Инаку, како што посочија од Европската комисија, квотите за поединечните земји беа распределени врз основа на нивниот пазарен удел од 2022 до 2024 година, при што биле земени во предвид разновидноста на снабдувањето за индустриите што користат челик како суровина.
Македонија и земјите од Западен Балкан се сериозно погодени од новите правила на ЕУ за увоз на челик и челични производи. Македонската челична индустрија е директно погодена бидејќи извозот главно зависи од европскиот пазар. Македонија користи комбинација од специфични квоти за одредени категории производи и право на пристап до глобалната квота во посебни квартали. Податоците покажуваат дека македонските извозници (заедно со другите земји) многу брзо, уште во првите месеци од кварталите, ги исцрпуваат дозволените количини во клучните сегменти.
 
На удар се „Макстил“, „Либерти стил“, ИГМ трејд“, „Дојран стил“… Тука е и „Еуроникел индустри“ (поранешен Фени) кој моментално е вон игра.
 
„Воведувањето на новите квоти за извоз на челични производи во ЕУ претставува значајна промена која ја засега целата челична индустрија во нашата земја, не само ‘Макстил’. Како компанија, внимателно ги следиме сите регулаторни промени и ги анализираме нивните потенцијални ефекти врз нашето работење“, вели Марија Дуковска-Павловска, Генерален директор на „Макстил“.
 
Таа посочува дека мерките на ЕУ несомнено ќе имаат влијание врз количините на челични производи што можат да се извезуваат на европскиот пазар.
 
„Во нашиот случај, квотите директно ја ограничуваат количината на лим што може да се пласира во ЕУ, што може да се одрази врз обемот на производството и извозот. Во таа насока сакам да потенцирам дека, ова е прашање кое го сфаќаме многу сериозно и кон кое пристапуваме со одговорно планирање и навремена адаптација на нашите планови за производство“, вели Дуковска-Павловска.
 
Таа нагласува дека особено е важно што Европската Унија континуирано зборува за Зелената агенда и за исполнување на целите за одржливост на Глобалниот договор на Обединетите нации.
 
„Сакам да истакнам дека, ‘Макстил’ произведува челик преку електролачна печка, процес кој има значително понизок јаглероден отпечаток во споредба со производството во високи печки, какво што е доминантно во дел од земјите од Источна Азија. Сепак, со новите правила добиваме третман, кој во голема мера е ист со производителите на челик во високи печки, а тоа се технологии со значително повисоко ниво на јаглеродни емисии. Сметаме дека ова е момент кога Европа треба јасно да покаже дека политиките за зелена транзиција ги спроведува и во пракса, а не само декларативно. Особено имајќи го во предвид фактот дека извозот на челик од Македонија нема да доведе до нарушување на европскитот пазар на челик“, вели Дуковска-Павловска.
 
Таа додава дека Македонија, како земја надвор од ЕУ, се соочува со дополнителни предизвици во вакви околности. Но, ефектите зависат од конкретните производи, категории и компании.
 
„Ние ќе продолжиме внимателно да ги следиме сите официјални информации и врз основа на нив ќе ги носиме нашите деловни одлуки“, вели таа. „Европската Унија и понатаму останува наш примарен и стратешки пазар. Во исто време, како одговорна компанија, активно работиме на диверзификација на пласманот, развој на нови партнерства и отворање нови можности за пласман на нашите производи на пазарите надвор од ЕУ. Ќе продолжиме да бараме алтернативи кои ќе обезбедат долгорочна стабилност и конкурентност на компанијата“, додава Дуковска-Павловска.
 
Во моментов, како што вели, приоритет остануваат вработените, стабилноста на компанијата и одговорното управување со сите предизвици, и сите идни чекори ќе се темелат на реални податоци и официјални информации.
 
„Истовремено, сакам да истакнам дека ‘Макстил’ е во постојана комуникација со релевантните институции и ја цениме поддршката од Министерството за надворешни работи и Владата, кои активно го следат прашањето и комуницираат со европските институции“, вели Дуковска-Павловска.
 
 
 
Марија Дуковска-Павловска, Генерален директор на „Макстил“
Таа вели дека на долг рок, останува отворено прашањето колку ваквите мерки се одржливи и дали тие навистина придонесуваат за целите што Европа сака да ги постигне.
 
„Нашата обврска е да продолжиме да инвестираме во одржливо производство, да останеме конкурентни и да обезбедиме сигурен развој на компанијата во интерес на нашите вработени, партнери и економијата на државата“, вели за „Независен“, генералниот директор на „Макстил“, Марија Дуковска-Павловска.
 
Ваквите предизвици неодамна ги потврди и Александар Гечев, главниот менаџер на ИГМ Трејд, најголемиот извозник од металната индустрија, во интервју за порталот Извоз.мк, велејќи дека новите квоти ќе значат намалување на годишните извозни количини и приходи за 40 отсто, што претставува директен удар врз основната економска структура на компанијата.
 
„Во бројки ова значи изгубени количини од 65.000 тона/годишно, што со денешни цени одговара на нереализирани приходи од 42 милиони евра. Воведувањето на новите квоти и примената на CBAM ќе резултира со раст на цените во ЕУ од 150 еур/тон – од сегашните 650 евра/тон на 800 евра/тон, почнувајќи од 1ви јануари 2026 година. Со тоа, изгубените приходи на ИГМ-Трејд во 2026 година би се искачиле на 52 милиони евра годишно. Нашата компанија нема алтернативни пазари со сличен обем, платежна способност и стабилност — што значи дека загубата на ЕУ пазарот е фактички ненадоместлива“, изјави Гечев за Извоз.мк.
 
Земјите од регионот, но и пошироко, веќе преземаат мерки за да ги заштитат сопствеите капацитети  и производството. Србија на пример, го продолжи ограничувањето за увоз на челик, со цел да го амортизира ударот врз железарницата во Смедерево која е во кинеска сопственост, и цени дека дел од она што ќе го загуби на европскиот пазар може да се надомести со зголемените домашни потреби во подготовките за Експо.
 
Велика Британија, пак, која исто така потпаѓа под новите правила за увоз на челик на ЕУ, го национализира најголемиот капацитет „Бритиш стил“, кој исто така е во кинеска сопственост, што предизвика гнев кај официјален Пекинг, кој бара фер третман за компаниите каде што сопственици се фирми од Кина.
 
Дури и Украина, која е во војна и која силно зависи од поддршката на ЕУ се најде на удар на мерките на Брисел. „Киев индипендент“ пишува дека извозот на челик без царина од Украина во ЕУ ќе биде сериозно ограничен со новите глобални распределби на квоти, што потенцијално ќе ги намали испораките во блокот за повеќе од половина во споредба со 2025 година.
 
Блумберг пишува дека на Украина ѝ е доделена вкупна квота од околу 1,05 милиони тони, што е околу 77 проценти од нејзините просечни испораки од 2022 до 2024 година што  беше претставено во Брисел како признание за нејзиниот статус на кандидат за пристапување во ЕУ, која се соочува со единствена безбедносна ситуација.

 

Спротивно на тоа, во Киев, производителите на челик истакнуваат дека „утврдените износи на квоти не одговараат на моменталните потреби на украинските производители или на целта за повоено закрепнување на украинската индустрија“, чии компании за челик испраќаат 79 проценти од вкупниот извоз на челик во ЕУ.

Турција, која традиционално е еден од клучните добавувачи на челик за ЕУ, ја доби најголемата единствена квота од приближно 2,86 милиони тони, што е 82 проценти од нејзините просечни испораки од 2022 до 2024 година, но во споредба со 4,73 милиони во 2025 година, ова е само 60 проценти.

САД и Кина се меѓу најголемите губитници. Иако Кина сè уште добива квота од нешто помалку од 800.000 тони, ова претставува само 35,8 проценти од нејзините претходни количини на снабдување. За САД, квотата е ефикасно укината, бидејќи квотата од само 509 тони е само 1,1 процент од нејзиниот претходен извоз во ЕУ. Сепак, во Брисел не очекуваат одмазда од Вашингтон, бидејќи САД, исто така, воведоа царина од 50 проценти за увоз на европски челик, пишува Блумберг.

Според документот објавен од страна на ЕК, Македонија доби квоти во неколку категории, но не е јасно колкава ќе биде нејзината вкупна годишна квота за извоз без царина во ЕУ.

Така на пример, за нелегирани и други легирани топловалани лимови и ленти, годишната квота е 14.127,67 тони, од што 7.623,42 тони се според договорот за слободна трговија (односно договорт за стабилизација и асоцијација), а другите 6,5 илјади тони како дел од групата трети земји. За споредба, во оваа категорија, Србија доби вкупна квота од 258.094 тони, од кои околу 114.470 бидејќи има ССА со ЕУ, а останатите околу 143.620 тони како дел од група трети земји. За производи од лим, новата вкупна квота на Србија е 60.844 тони.

Во другите категории, за лимови преклопени со органски супстанции, вкупната квота за Македонија е 7,3 илјади тони и целосно е според договорот за стабилизација и асоцијација. Кај нелегиорани и други легирани кварто лиомови, вкупнта квота за Македонија е 82,6 илјади тони од што 38,6 илјади според договорот за ССА, а другите 44 илјади тони како како дел од група трети земји. Во делот на нелегирани и други легирани шупливи и лесни профили, квотата е 54,4 илјади тони, од што 31,3 илјади тони според договорот за стабилизација и асоцијациа, а кај цевките за гасоводи, вкупната квота за Македонија е 14,5 илјади тони, од што 7,1 илјада тони според договорот за ССА.

Според толкувањето кое што може да се најде за други земји, а кое што важи и за Македонија, кога ќе се искористи целата национална годишна квота, земјата има право да аплицира за дел од нераспределените квоти во неколку категории на производи за земји со постоечки или иден договор за слободна трговија со ЕУ. Сепак, сите преостанати квоти ќе бидат дадени по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Инаку, на пример, според податоците од интернет страницата на „Макстил“, само оваа компанија лани произвела 258,8 илјади тони слабови и 267 илјади тони лимови, а продажбата на лимови лани изнесувала 268 илјади тони, од што 63 отсто биле пласирани на пазарот во ЕУ.
 
Капацитетот на „Либерти стил“, пак е 750.000 тони ладновалан челик, 200.000 тони поцинкуван и 77.000 тони пластифициран челик.
 
Како ќе се распределува квотата за увоз на челик на ЕУ?
 
Регулативата за челик на ЕУ го ограничува обемот на челик што може да влезе во ЕУ без царина на 18,3 милиони тони годишно. Оваа квота, как што објаснуваат од ЕК, ќе се распределува меѓу трговските партнери користејќи фер и објективна методологија врз основа на критериумите утврдени во регулативата за челик. Притоа, се додава дека се прави разлика помеѓу земјите со кои има склучено договори за слободна трговија (FTA) и оние кои немаат такви договори и дека осигурува партнерите со договори за слободна трговија  да добијат подобар третман во форма на поголем обем на квоти.
 
Вкупната квота од 18,3 милиони тони ќе биде распределена според различни критериуми утврдени во регулативата за челик. Два се особено важни:
Првиот е минатата трговија со челик со ЕУ: На сите земји чиј удел во увозот на ЕУ за одреден челичен производ изнесувал најмалку 5% (во текот на референтниот период 2022-2024) им се доделува квота специфична за земјата. Другите партнери ќе можат да извезуваат без царина според преостанатата преостаната квота. Овој систем е ист како и според претходната заштитна мерка за челик.
Партнери од договорот за слободна трговија: Половина од вкупната квота од 18,3 милиони тони (т.е. 9,15 милиони тони) е резервирана само за партнерите на ЕУ во Договорот за слободна трговија. Од ова, поголемиот дел ќе биде доделен на одредени партнери од Договорот за слободна трговија пропорционално на нивните историски обем на трговија, а помал дел ќе биде доделен на партнери од Договорот за слободна трговија по принципот „прв дојден, прв услужен“.
 
Релевантен дел од вкупниот износ на квота за распределба специфични за земјата ќе биде распределен на партнери со договори за слободна трговија кои го исполнуваат прагот од најмалку 5% од обемот на увоз во ЕУ (врз основа на референтниот период 2022-2024).
Дополнително, откако ќе ги исцрпат своите квоти специфични за земјата, тие ќе имаат пристап до квотата на целосно конкурентна основа, прв дојден, прв услужен.
 
Зошто ЕУ воведе мерка за челикот?
 
Од ЕК објаснуваат дека глобалниот прекумерен капацитет, честопати поттикнат од политики и практики кои не се пазарни, постојано расте и веќе е на неодржливи нивоа – моментално над 620 милиони тони, за кои се проценува дека ќе достигнат 721 милион тони – повеќе од 5 пати поголема од годишната потрошувачка на челик во ЕУ.
 
Паралелно, сè поголем број трети земји ги затвораат своите пазари за увоз, честопати во форма на царини. Ова создава многу голем ризик од пренасочување на трговијата кон пазарот на ЕУ, во ситуација кога пенетрацијата на увозот во однос на пазарниот удел на увозот останува на историски високи нивоа.