ЕУ размислува како да ги стабилизира цените на гасот и електричната енергија,


 

Дали цената на гасот во Европската унија е „неподносливо висока“ или едноставно е одредена од пазарот? Франција и некои други земји бараат воведување заеднички мерки на ЕУ. Дали е тоа можно?

Само во септември, цената на природниот гас за потрошувачите во Европската унија скокна за 17 отсто. Многу домаќинства овие денови добиваат писма со непријатна содржина во кои ги информираат за зголемувањето на нивните месечни сметки.

Толку голем пораст на цените на гасот и електричната енергија не е изненадување за експертите. Веќе неколку месеци се забележува дека побарувачката во целиот свет е голема, дека во исто време производството во Холандија е намалено, дека складиштата за гас во ЕУ се полупразни, дека Русија не сака да ги зголеми количествата што ги испорачува.

Ова лето, претставниците на ЕУ го оценија зголемувањето на цените на гасот – што значително ја зголеми инфлацијата – како привремен феномен што може да се одржи. Но, сега, кога зголемената цена на гасот и поврзаното зголемување на цената на електричната енергија ќе стигне до паричниците на обичните луѓе, но и до касите на компаниите, многу министри за економија во Европската унија го вклучија алармот.

Францускиот страв од „жолти елеци“

„Овие цени се едноставно неподносливи“, рече францускиот министер за финансии Бруно Лемар на состанокот со колегите од ЕУ во Луксембург.

„Можеме да добиеме ново движење на ‘жолти елеци’“, предупреди пред неколку дена францускиот европратеник Паскал Канфин.

Причината за масовните протести на т.н „Жолти елеци“ во Франција во 2018 година беше зголемување на даноците за дизел. Францускиот министер Лемар, неговиот колега од Шпанија, како и колегите од Италија и Грција, бараат Европската унија да реагира заедно. Шпанија и Италија веќе најавија субвенции за домаќинствата со помали приходи.

Франција може да ги замрзне цените до следната пролет. Но, на состанокот на министрите во Луксембург остана нејасно како точно тоа треба да функционира и кој на крајот треба да ги плати тие субвенции за посиромашните домаќинства. Некои земји во јужна Европа споменуваат заедничко снабдување со гас за намалување на цените. Други би сакале купувањето енергенсите или субвенциите да се финансира преку буџетот на ЕУ, а можеби и со ново задолжување.