ЕУ работи на план за делумно членство на Украина уште следната година

Прашањето за приклучување на Украина во Унијата во 2027 година е вклучено во мировниот договор за кој моментално се преговара


 

ЕУ работи на план без преседан што би можел да ѝ овозможи на Украина да добие делумно членство во блокот уште следната година, изјавија 10 функционери и дипломати за „Политико“. Тоа би ѝ овозможило на земјата да се приклучи пред целосно да ги спроведе реформите потребни за полноправно учество во работите на ЕУ. Прашањето за приклучување на Украина во 2027 година е вклучено во мировниот договор за кој моментално се преговара. Потребен е конкретен датум бидејќи „Украина, Европа, САД и Русија ќе го потпишат“, изјави Володимир Зеленски за новинарите во петокот.

Според функционер на ЕУ и двајца европски дипломати, опцијата што моментално се дискутира неформално се нарекува „обратно проширување“ бидејќи ефикасно ѝ овозможува на земјата да се приклучи на блокот на почетокот на процесот на исполнување на критериумите за членство, а не на крајот.

ЕУ ја смета оваа идеја за привлечна, бидејќи би му дала време на Киев да ги заврши реформите на своите демократски институции, судство и политички систем, а воедно би му обезбедила одредени безбедносни гаранции и би ја намалила веројатноста за слабеење на нејзините врски со Западот поради одложување на пристапувањето на Украина.

„Нема да има отстапки по прашањето на реформите“, вели функционер на ЕУ, а сите други извори на медиумот го потврдуваат ова. Еден од нив објасни: „Членството во ЕУ ќе биде корисно само ако земјата помине низ процес на трансформација по патот. Европската комисија мора да најде рамнотежа помеѓу потребата од брза акција и спроведувањето на реформите во Украина“.

Врз основа на интервјуа со пет дипломати кои претставуваат различни земји, тројца функционери на ЕУ и двајца украински функционери, „Политико“ идентификува пет фази од овој процес:

1. ЕУ го забрзува прегледот на апликацијата на Украина и, за таа цел, му обезбедува на Киев препораки за „кластери“ – групи прашања што треба правно да се формализираат за да се добие членство. Вакви информации веќе се дадени за три од шесте кластери за преговори; за останатите, украинските претставници ќе ги добијат на состанокот на министрите на ЕУ во Кипар во март.

2. Се развива модел на делумно членство. На состанокот со претставници на ЕУ во петокот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изнесе неколку опции, вклучувајќи „обратно проширување“. Процесот би бил „реконфигуриран – се приклучувате, а потоа постепено стекнувате права и обврски“, објасни претставник на ЕУ.

3. ЕУ мора да го надмине не само двоумењето на некои членки (вклучувајќи ја и Германија) кои ја доведуваат во прашање исправноста на создавање две групи земји со различни права и обврски, туку и отвореното противење на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Во текот на викендот, тој ја нарече Украина „наш непријател“ поради нејзиното барање да ги прекине руските енергетски испораки на ЕУ и рече дека „никогаш“ не треба да биде примена во Унијата. Брисел се надева дека Орбан ќе ги загуби изборите во април (анкетите покажуваат дека неговата партија има 38 отсто од гласовите, во споредба со 49 проценти за опозициската партија Тиса).

4. Ако Орбан ја задржи својата функција, ЕУ се надева дека Доналд Трамп ќе го принуди да го промени својот став. Одредбата за приклучување на Украина кон ЕУ е една од 20-те точки од мировниот договор што Трамп се обидува да го преговара.

5. Доколку Трамп не успее да се справи со Орбан, членот 7 од договорот за ЕУ ​​би можел да се искористи за да се одземе правото на глас на Унгарија, рекоа двајца дипломати од ЕУ. Тој би можел да се искористи против земја што ги крши основните вредности на блокот – прашање за кое Брисел и Будимпешта долго време се во конфликт, бидејќи владата на Орбан постојано ги поткопува демократските институции како што се независните медиуми и судството. Брисел нема да го покрене прашањето сè до по изборите во Унгарија. Но, тогаш, доколку Орбан биде реизбран и продолжи да го попречува донесувањето одлуки во ЕУ, таков потег е „апсолутно можен“, рече трет дипломат.