ЕУ побара од Македонија да ги подготви Патоказите за владеење на правото
БРИСЕЛ – Советот на постојани претставници на ЕУ го усвои писмото со кое се упатува покана до земјава да ги подготви Патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација за отворање преговорите по Кластерот 1- „Фундаментални вредности“.
Одлуката е донесена на вчерашното заседание на Советот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ – КОРЕПЕР 2, што го сочинуваат шефовите на мисиите и кој главно се занимава со политички, финансиски и прашања поврзани со надворешната политика.
Во врска одлуката на Советот, министерот за надворешни работи Бујар Османи на Фејсбук објави дека со ова успешно е завршена уште ена обврска која нѐ носи поблиску до отворање на кластерите и поглавјата во насока на забрзана ЕУ интеграција.
„Добра вест од Брисел! Вчера, Советот на ЕУ го усвои Писмото со кое сме поканети да ги подготвиме Патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација за отворање на Кластерот 1- Темели“, наведе Османи во објавата.
Европската комисија на почетокот на август го објави и на земјава и го достави нацрт скрининг извештајот за Кластерот 1 – „Фундаментални вредности“, кој содржи оценки засновани на информациите добиени за време на скринингот, на дијалогот што се води во рамките на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и на годишните Извештаи на Европската комисија, кои се дел од Пакетот за проширување на ЕУ.
Извештајот дава приказ на состојбата поврзана за сферите опфатени со овој кластер и дава насоки за идните реформи кои земјава треба да ги спроведе во областа на владеењето на правото, реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и човековите права, како и да го зајакне функционирањето на демократските институции и реформата во јавната администрација, со цел исполнување на условите за членство во Унијата. (МИА)