ЕУ ни прати дури 40 препораки за Судскиот совет – нема барање за негово укинување
„Без имплементација на овие препораки не гледаме начин како ќе бидат сериозни судските реформи“, рече евроамбасадорот Дејвид Гир
Дури 40 препораки испратила оценската мисија на Европската унија за Судскиот совет, по интензивните разговори, проверки на документите и испитување на судската практика во државата. Меѓу нив нема препорака тој да се укине, иако проблемите што ги продуцираа доведоа до скандалозни оценки за неговата работа.
Од препораките 17 можат да се имплементираат на краток рок, бидејќи треба да ги донесе самиот Судскиот совет, а останатите 23 бараат законски, а некои и уставни измени, за кои ќе треба подолго време.
Евроамбасадорот Дејвид Гир презентирајќи дел од препораките што може да биде достапен за јавноста, порача дека тие се екстензивни и дека ги адресираат „корените и влијанијата“ во Судскиот совет и генерално во судството во земјата. Според оценката, предизвиците во судството се резултат на акумулираните проблеми со години и на отсуството на добра практика. Судството, порача тој, е на критична точка, а препораките ако не се имплементираат со политичка волја, интегритет и транспарентност – нема да бидат корисни воопшто.
Попрецизно, извести Гир, една од препораките се однесува на тој кој може да биде член на Судскиот совет, кои да бидат условите, колку долго и што е точната дефиниција на славниот услов, како што рече Distinglished lawyer – истакнат адвокат. Други препораки се однесуваат на тоа како да се избираат членовите според систем заснован на заслугите, колку гласови треба да добие секој член и како да биде транспарентен процесот.
Има препораки и за смена на членовите, за какви прекршоци и според кои процедури, за да нема ситуации како тие минатата година. Дел од препораките се однесуваат на отчетноста на членовите на Судскиот совет, за начинот како ќе се одвиваат дисциплинските постапки и за носење на етички кодекс за однесување. Значаен број од препораките се насочени кон поголема транспарентност на Судскиот совет и начинот на кој ќе комуницира со јавноста.
„Очекуваме овие препораки да бидат приоритет на идната влада, која и да биде“, рече Гир, повторувајќи дека нивното успешно имплементирање ќе зависи од политичката волја на сите што ќе бидат инволвирани.
„Без имплементација на овие препораки не гледаме начин како ќе бидат сериозни судските реформи“, рече Гир.
Сумирајќи ја оценката на експертите, тој рече дека препораките ги адресираат композицијата и структурата на Судскиот совет, селекцијата на членовите, именувањата и разрешувањата, транспарентноста, комуникацијата со јавноста и финансиските ресурси, т.е. буџетот. Попрецизно тој посочи дека оценката на експертите била дека сегашниот мандат на членовите на Судскиот совет е предолг и губат контакт со професијата, па препорачуваат да биде пократок, без да каже колку.
Како една од препораките што може брзо да биде имплементирана тој посочи на Етичкиот кодекс за однесување, а индиректно посочи исто така дека присуството на министерот како член без право на глас во ова тело е ризик за неговата независност. Според него, многу од овие препораки водат кон тоа да нема мешање на политиката и бизнисот во судскиот систем, но не сакаше да каже директно дали ваквата состојба во судството може да испровоцира вето за преговорите со Македонија, посочувајќи дека проблем со владеењето на правото има и во земји-членки и дека ние сме презеле обврска да го реформираме.
Вкупно гледано, 23 препораки за Судскиот совет се надвор од мандатот на сегашните озлогласени членови на ова тело.