ЕУ не сака да заостане во истражување на вселената, најави инвестиции од една милијарда евра


Европската унија ќе вложи повеќе пари во лансирање ракети, сателитска комуникација и истражување на вселената со цел да ги сочува досегашните успеси во вселената и да го задржи чекорот со американските и кинеските амбиции, изјави комесарот на ЕУ за истражување на вселената, Тиери Бретон.

Во текот на изминатите децении, Европа настојуваше да изгради независен пристап кон вселената за да и помогне на сопствената индустрија, со успеси како што се ракетите „Ариане“ или сателитот „Галилео“, ривал на ГПС.

Но, неодамнешното појавување на американскиот конкурент „Спејс-икс“ и неговите ракети за повеќекратна употреба, како и брзиот напредок на Кина, вклучително и првото слетување на темната страна на Месечината минатата година, даваат нов импулс на европските амбиции, пишува Ројтерс.

„Вселената е една од најсилните точки на Европа и обезбедуваме средства тоа да го забрзаме“, рече еврокомесарот Бретон, кој исто така е надлежен за вселенскиот сектор.

ЕУ за прв пат ќе потпише договор вреден една милијарда евра со „Арианспејс“, а Бретон се надева дека ќе бидат издвоени 16 милијарди во следниот буџет за вселенско истражување.