ЕУ на 90 дена ги става во мирување контра-царините за САД

Додека го финализираме усвојувањето на контра-мерките на ЕУ за увозот на американски производи, кои добија силна поддршка од земји членки, решивме да ги ставиме во мирување 90 дена, соопшти денеска претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен.
Ваквата одлука следи откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе „го паузира“ воведувањето на некои реципрочни царини за увозот од стоки во САД од десетици земји за период од 90 дена.
– Ја нотиравме најавата на претседателот Трамп. Сакаме да им дадеме шанса на преговорите. Додека го финализираме усвојувањето на контра-мерките на ЕУ, кои добија силна поддршка од нашите земји членки, ќе ги ставиме во мирување 90 дена, наведе Фон дер Лајен во писмена изјава.
Таа натаму додава дека ако резултатите од преговорите со САД не бидат задоволителни, усвоените контра-мерки ќе стапат во сила.
– Подготвителната работа за понатамошни контра-мерки продолжува. Како што кажав и претходно, сите опции остануваат на маса.
Ваквиот потег следи откако вчера земјите членки на ЕУ одобрија воведување контра-царини во висина од 10 до 25 проценти за увозот во Унијата на низа производи од САД, вклучувајќи и тутун, мотоцикли, живина, челик и алуминиум, како одговор на американските царини за увоз на челик и алуминиум од Унијата во висина од 25 отсто, што стапија во сила минатиот месец.
Според дипломатски извори во ЕУ, замрзнувањето на европските контра-царини ќе создаде простор за преговори со САД, но во исто време ќе го „одржува притисок“ врз Вашингтон.
Денешното решение на ЕУ следи откако претпладнево Фон дер Лајен ја поздрави одлуката на Трамп „да го паузира“ воведувањето на реципрочните царини, оценувајќи ја како „важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија“, јави дописникот на МИА од Брисел.
– Ја поздравувам најавата на претседателот Трамп за паузирање на реципрочните царини. Тоа е важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија. Јасни, предвидливи услови се од суштинско значење за функционирањето на трговијата и синџирите на снабдување, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс.
Иако претходно, се закануваше дека САД ќе ги прекинат трговските врски со ЕУ, доколку Брисел возврати на американските царини, Трамп сепак, вчера ненадејно реши „да го паузира“ воведувањето на некои од царините за период од 90 дена.
– Одобрив пауза од 90 дена и значително ги намалив реципрочните царини од 10 отсто во тој период, информира Трамп, додавајќи дека оваа одлука не важи за Кина за чиј увоз најави и дополнителни царини.