ЕУ ќе ги казнува земјите кои и помагаат на Русија да ги надмине санкциите


Откако усвои 10 пакети санкции по руската  инвазија на Украина, ЕУ сега дизајнира нов механизам за казнување на земјите кои и овозможуваат на Москва избегнување на санкциите. Ако трети земји, на пример во Централна Азија, не ги почитуваат западните санкции против Москва или не можат да објаснат ненадеен пораст на трговијата со забранети стоки, тие ќе се соочат со казна од ЕУ.

Санкциите досега беа ефективни во ограничувањето на директниот извоз од ЕУ во Русија, с додека зголемувањето на увозот од земјите кои не ги почитуваат санкциите достигна  повеќе од една четвртина од количините што недостасуваат во Русија. Исто така, забележан е скок во обемот на одредени артикли претходно продадени во Русија кои се извезени во соседните или блиските земји како Турција, Казахстан и Ерменија. Тоа укажува на пренасочување на популарната електроника за широка потрошувачка, како што се мобилните телефони и компјутерите, при што микрочиповите што можеле да бидат од воена употреба, исто така, може да се протнат  низ мрежата.

Една неодамнешна истрага, во меѓувреме, најде докази дека чувствителните технологии – како што се беспилотните летала и микроелектрониката – го нашле својот пат до Русија преку трети земји како Казахстан со помош на локални компании основани од руски сопственици. Со ставање „пиштол“ на маса, ЕУ се надева дека повеќе земји ќе се усогласат. Но, тој предлог сега се разводнува, според најновата верзија  датирана од средата и видена од ПОЛИТИКО.

Ова доаѓа по загриженоста изразена од неколку земји од ЕУ, вклучително и Германија. Тие стравуваат дека таквиот механизам ќе им наштети на дипломатските односи, па дури и ќе ги доведе земјите во прегратките на Русија и Кина. Наместо да ги погоди земјите кои дозволуваат реекспорт на санкционирана стока во Русија, Берлин предлага да се фокусираат на компаниите. За да ги придобие скептиците, Европската комисија вклучи повеќе заштитни мерки.

Најновата верзија на предлогот за санкции поставува повнимателен и чекор-по-чекор пристап пред таргетирање на трети земји. На пример, таа ги класифицира таквите чекори како „исклучителна, последна мерка“. И, како последна измена на нацртот, Комисијата треба да покаже дека „преземените алтернативни мерки биле неефикасни“ пред да ги казни третите земји.

Забраната за  заобиколување на санкциите не е единственото отворено прашање. Грција и Унгарија сè уште се спорат со  Украина која наведе некои од нивните компании како „воени спонзори“. Атина и Будимпешта сакаат некои од нивните компании да бидат отстранети од оваа листа пред да се согласат со пакетот санкции.

Земјите на ЕУ  се надеваат дека ќе постигнат договор за пакетот следната недела, рекоа тројца дипломати на ЕУ. Ќе има консултации пред следната дискусија на претставниците на ЕУ на 7 јуни. „Договорот е на дофат“, рече еден од нив, додавајќи дека точниот тајминг „се уште е тешко да се предвиди“.