ЕУ ја опоменува Португалија за рециклирањето – предупредување и за Македонија: Без стабилен систем нема исполнување на европските стандарди
Во Македонија годишно се создаваат околу 791.000 тони комунален отпад, а се собираат околу 637.000 тони. Речиси голем дел од собраниот отпад околу 90 проценти сè уште завршува на депонии
Постапката што Европската комисија ја покрена против Португалија поради неисполнување на целите за рециклирање е уште еден сигнал дека Европската Унија сè построго ќе го следи спроведувањето на еколошките политики. Истовремено, ова е и јасна опомена за земјите кандидати, меѓу кои е и Македонија, дека развојот на ефикасен и транспарентен систем за управување со отпадот повеќе не е избор, туку неопходност.
Брисел испрати образложено мислење до португалските власти, наведувајќи дека земјата не ја исполнила целта од 50 проценти од амбалажниот отпад да се селектира и рециклира на ниво на цела земја.
Посебно загрижувачки се резултатите кај рециклирањето на стаклената амбалажа, каде Португалија е меѓу земјите што најмногу заостануваат. Доколку во рок од два месеци не понуди уверливи мерки, Европската комисија може случајот да го упати до Судот на правдата на Европската Унија, што отвора можност и за финансиски санкции.
Пораката од Брисел е јасна со новите, уште построги цели за 2025, 2030 и 2035 година, земјите ќе мора значително да ги подобрат системите за собирање, селекција и рециклирање на отпадот, како предуслов за развој на циркуларната економија и намалување на зависноста од увоз на суровини.
Иако Македонија сè уште не е членка на Европската Унија, токму ваквите случаи покажуваат во која насока ќе се движат европските стандарди и обврски. Домашниот систем за управување со отпадот во последните години бележи напредок, но предизвиците остануваат сериозни.
Според податоците, во Македонија годишно се создаваат околу 791.000 тони комунален отпад, а се собираат околу 637.000 тони. Речиси голем дел од собраниот отпад околу 90 проценти сè уште завршува на депонии, што укажува дека мора значително да се засилат инвестициите во селекција, рециклирање и современа инфраструктура.
Во 2026та година проценките на МЖСПП се дека ќе се пуштат на пазарот над 116.000 тони амбалажен отпад однсоно отпад од пакувања. Од нив приближно 14-15.000 тони е стаклена амбалажа, од која само преку системот на Пакомак се собираат и рециклираат околу 7000 тона или околу 45%, на што како земја треба да сме посебно горди иако уште не сме во ЕУ. Речиси целото стакло се носи во фабриките во Бугарија.
Од Асоцијацијата за управување со отпад предупредуваат дека развојот на системот мора да се темели на стабилни правила, правна сигурност и еднакви услови за сите учесници на пазарот. Според нив, само доследната примена на законите, фер конкуренцијата и континуираните инвестиции можат да обезбедат исполнување на националните и европските цели за рециклирање.
Во 2024 година, според проекциите на Министерството за животна средина и просторно планирање, на домашниот пазар биле пласирани 112.649 тони отпад од пакување. Од евидентираните количини, преку системот на проширена одговорност на производителите биле рециклирани околу 65 проценти, при што најдобри резултати се постигнати кај хартијата и картонот. Пластичната амбалажа, пак, останува најголем предизвик, со стапка на рециклирање од околу 39 проценти.
Воедно, во системот сè уште недостасуваат повеќе од 32.000 тони амбалажен отпад кои не се евидентирани, што, според Асоцијацијата, создава нелојална конкуренција и го нарушува функционирањето на целиот сектор.
Примерот со Португалија покажува дека Европската Унија повеќе не толерира одложување на реформите во областа на отпадот. За Македонија тоа е дополнителен поттик да продолжи со модернизацијата на системот за управување со отпадот, да обезбеди стабилна регулаторна рамка и да ги охрабри инвестициите во селекција и рециклирање. Само така земјата ќе може да ги достигне европските стандарди, да ја заштити животната средина и да изгради одржлива циркуларна економија.Најавената инвестиција на Пакомак во првиот современ погон за автоматско селектирање на отпад од пакување во земјата, инвестиција вредна над 2 милиони евра, и еден од најголемите од ваков тип на Балканот, Македонија ќе направи значаен исчекор кон европските модели на управување со отпадот.
Се ова се отвора ново поглавје во развојот на системот за селекција и рециклирање, а отпадот од пакување повеќе да не завршува на депонија, туку да стане вреден ресурс што повторно ќе се враќа во употреба. Со воведување на најсовремена технологија, вештачка интелигенција и дигитални системи, новиот паметен погон во реално време ќе го препознава и следи отпадот што влегува и се процесира. Тоа ќе овозможи значително поефикасна и попрецизна селекција, максимално искористување на материјалите за рециклирање и примена на највисоките европски стандарди во управувањето со отпадот.